На 16 јуни македонската влада од ЕУ доби писмо во кое се бара да се изјасни дали ја прифаќа нивната препорака за промена на режимот за работа на странските компании во индустриските зони во рамките на посветеноста на земјата за членство во ЕУ. Рокот даден за тоа е до 2022 година, а целосната имплементација на промените во даночната политика мора да заврши до 2025 година.
Се работи за препораки за промени во даночната политика во склад со одлуките на земјите-членки на Г7, Г20 и ОЕЦД. Земјите-членки на Г7-групацијата, која ја сочинуваат дел од најбогатите економии во светот, во јуни постигнаа заеднички договор за даночење на мултинационалните компании. Според договорот, технолошките гиганти ќе треба да плаќаат повисок данок во овие држави, а исто така се планира и воведување минимална даночна стапка од 15 отсто на глобално ниво. Оваа даночна политика главно е насочена кон запирање на даночните злоупотреби на гигантите Епл, Нетфликс, Амазон, Фејсбук, Гугл…
Министрите за финансии на земјите дел од Г7, Г20 и ОЕЦД се согласија за реформирање на глобалниот даночен систем. Договорот е воспоставен помеѓу Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Британија и САД, кои сакаат да се осигурат дека мултинационалните компании плаќаат поголем данок во државите во кои дејствуваат. Овој договор се воспоставува за да се одбегне отворањето деловни операции на технолошките компании во земји што имаат ниски даноци, при што компаниите ќе можат да имаат поголеми заработки на овие територии. Ова ќе ги спречи големите компании да остваруваат поголема заработка во државите што се познати како „даночен рај“. Досега три земји не ја поддржаа оваа иницијатива – Ирска, Унгарија и Естонија, веројатно поради тоа што во овие земји седишта имаат некои од големите технолошки компании и поради тоа што на пример во Ирска и во Унгарија данокот на добивка е 12,5 односно 9 отсто, значи под предлогот за минимална стапка од 15 отсто
Во Брисел веќе се прифатија насоките на овие глобални даночни реформи. Македонија веќе доби известување да се приспособи на овие нови политики доколку и натаму останува на заложбите за интеграција во ЕУ. Овие даночни измени од корен ќе ги измени условите на работењето на сите странски компании во технолошките индустриски развојни зони што користат сериозни даночни олеснувања во Македонија. Освен тоа, работата на овие компании веќе стана сериозен дел од структурата на економскиот развој на Македонија, со бројот на вработените (14.000), со процентот на учеството во извозот – 50%, со 30-те милиони евра разлика од она што е приходувано и она што е реално исплатено….
Во писмото до македонската влада се вели дека доколку Македонија не го прифати ова, ќе биде дел од листата на некооперативни земји.
Од Владата засега молчат. Повеќе од една недела чекаме одговор на нашите прашања.