Глоби од две илјади до три илјади евра ќе плаќаат фиансиските друштва или банките кои за дадениот кредит ќе наплатат поголеми трошоци од законски предвидените. Освен ова, за истиот прекршок има и глоба од 500 до 800 евра за одговорното лице кај кредиторот.
Ова се санкциите кои ги предлага Министерството за финансии со измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, со кои ја регулира стапката на вкупни трошоци кај кредитите до 200 евра, кои ги даваат финансиските друштва, а во последно време и некои банки.
Според објавената верзија на Предлогот за изменување и дополнување на овој Закон, од стариот закон се исфрла ставот со кој од законската регулатива се изземаат договорите за кредит на износи помали од 200 и повисоки од 75.000 евра во денарска противвредност. Со тоа се овозможува под контрола на Министерството за финансии да бидат и трошоците што се пресметуваат и за овие кредити. Со нов член, пак, се предвидува тие трошоци да не бидат повисоки од висината на пет затезни камати.
До крајот на годинава затезната камата што ја утврдува Народната банка ќе остане 11проценти, што значи дека вкупните трошоци, како што се провизиите, даноците, манипулативните трошоци… за кредитите до 200 и над 75.000 евра не смеат да надминат 55 проценти од нивната висина.
Така, ако кредитот е 12.000 денари, тогаш вкупните трошоци што ги пресметува кредиторот не смеат да надминат 6,6 илјади денари, со што за 12.000 денари кредитокорисникот би вратил најмногу 18,6 илјади денари.
Законот со кој се регуилира годишната стапка на вкупни трошоци треба да почне да се применува 30 дена откако законот ќе стапи на сила. Но, според Елези допрва следува изјаснувањето на заинтересираните по понудениот текст, па предлогот на Министерството ќе се достави во Владата, а дури потоа за него ќе се изјаснува и ќе го донесе Собранието.