Земјоделските производители добиваат заштита како добавувачи, а на трговците кои ќе се обидат да извлечат полза од нивниот труд ќе им следуваат казни и до 20 илјади евра.
Паралелно со тоа, се зголемува и надлежноста на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ова го предвидува Предлог законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, кој е доставен до пратениците, а ќе се третира во редовна собраниска постапка.
Со усвојувањето на ова решение и со неговата имплементација во практиката, треба да се регулираат односите меѓу производителите и купувачите.
Како што пишува во образложението „се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи“.
На овој начин би требало да се сузбијат појавите на нефер трговски практики присутни на домашниот терен.
Од Министерството за економија, како предлагач на овој текст, забележуваат дека честа појава се значителни нерамнотежи во „преговарачката моќ“ помеѓу добавувачите и купувачите.
А, целта е да се елиминира таа „нерамнотежа“ во овој домен. Оттаму и предвидените високи казни, поделени на потешки и полесни прекршоци.
На пример, за употреба на значителна преговарачка моќ со наметнување нефер трговски практики, што би значело непочитување на роковите на плаќање, неутврдени деловни услови во договорот кој мора да е во писмена форма и слично, се предлага глоба од 1.000 до 2.000 евра за микро трговец, од 2.000 до 4.000 евра за мал трговец, од 6.000 до 12.000 евра за среден трговец и од 10.000 до 20.000 евра за голем трговец.
За одговорните лица, пак, се предлагаат казни во распон од 50 до 500 евра, зависно од големината на фирмата.
За трговец поединец е предвидена глоба од 300 до 500 евра, исто како и за физичко лице.
Како полесни прекршоци се третираат непостапувањето по заклучокот на Комисијата за одлучување по прекршок за доставување податоци во определен рок, давањето неточни или нецелосни податоци, спречување влез во деловни простории, оневозможување увид во деловните книги и документацијата…
За овие и други наведени пропусти, казните се движат од 500 до 750 евра за микро трговец, од 1.000 до 1.500 евра за мал трговец, од 3.000 до 4.000 евра за среден трговец и од 5.000 до 6.000 евра за голем трговец.
Глоба ќе плати и одговорното лице, од 50 до 500 евра, согласно големината на фирмата.
Инаку, законот ја опфаќа продажбата на земјоделски и прехранбени производи, при што и добавувачот и купувачот се основани во државата, во членки на ЕУ или во трети земји.
Листа на земјоделски и прехранбени производи ја носи министерот за економија, што ќе биде основа за утврдување на нефер трговските практики во синџирот на снабдување.
Предлагачот смета дека со овој Предлог се овозможуваат поефикасни контроли и надзор од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Освен што ќе мора да ги усогласи сите свои акти со предложените одредби, ќе треба да ги обезбеди и неопходните ресурси – технички, технолошки и квалификуван кадар.
За тоа и се даваат шест месеци од денот кога законот ќе влезе во сила.
Ингеренции на Комисијата се: регулирање на постапката за изведување докази и на прекршочната постапка, утврдување на казните, а се нагласува и тоа што „за прв пат добива надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земји-членки на Европската унија во постапките за идентификување нефер трговски практики…“.
Во таа насока, според предлагачот, Комисијата ќе треба да вработи три лица – раководител на одделение и двајца советници.
Притоа, пресметале дека годинава нивниот ангажман за шест месеци ќе чини 974.748 денари (15,8 илјади евра).
Износот ќе се зголеми во 2025 година, кога за тројцата вработени ќе бидат потребни 1.949.496 денари (речиси 31,7 илјади евра).
Утврдени се и платите – за раководителот 58.496, а за советниците по 51.981 денар, сите во бруто износ.
„За 2025, вработувањето на трите лица во Комисијата за заштита на конкуренција за цела година вкупно ќе изнесува бруто плата од 1.949.496,00 денари“, пишува во предложениот законски текст.
Воедно, со примената на овој закон, предвидените цели треба да се остварат „најрано во рок од една година, од денот на отпочнување со примена“. А тоа е – елиминација на нефер практиките кои диктираат цени со што директно се оштетени потрошувачите.