Сезоната во Охрид е далеку од официјалниот почеток, но угостителите веќе интензивно бараат работници.
Во обид да ги привлечат домашните келнерки, ресторани, кафулиња и хотели нудат плати по 1.000 евра за петмесечна работа, но, и покрај тоа, многу од нив сè уште се соочуваат со недостиг на персонал.
Во последните неколку години, недостигот на квалификувани келнери и останати угостителски работници стана хроничен проблем во туристичките центри низ Македонија, особено во Охрид и во Струга.
Многу млади луѓе заминаа во странство во потрага по подобро платени работни места, што ги натера угостителите да бараат решенија надвор од границите на државата.
„Пробавме сè, но работници нема“
Екипата на Денар разговараше со сопственик на ресторан во Охрид, кој вели дека оваа година понудиле значително повисоки плати, но сè уште имаат проблем со наоѓање работници.
„Платите кои ги нудиме се далеку над просекот во земјава. Ние бараме искусни келнери и келнерки, но и тие што се почетници добиваат шанса. И покрај сè, интересот кај домашната работна сила е слаб. Пробавме со огласи, контактиравме луѓе што порано работеле кај нас, но многумина заминале во странство или едноставно не сакаат да работат во угостителство“, вели нашиот соговорник.
Некои угостители, пак, сметаат дека проблемот не е само во заминувањето на младите туку и во работните услови.
„Да, нудиме добри плати, но треба да се има предвид дека оваа работа бара многу труд. Сезоната е напорна, има многу туристи, а очекувањата се високи. Некои млади се одлучуваат за работа во маркети или во магацини, каде што има помалку стрес, па иако платите се пониски, тие ја одбираат таа опција“, вели Наташа, менаџерка на познат хотел во Охрид.
Странски работници – решение или само привремена опција?
Поради ваквата ситуација, сè повеќе угостители почнаа да вработуваат странци, претежно од Турција, Непал, Филипините и од Индија.
Според официјалните податоци, во текот на минатата туристичка сезона во Охрид работеле над 200 странски работници.
„Минатата година вработивме пет момци од Египет. Беа одлични работници, брзо се вклопија и беа задоволни од платите. Но, ова е скапа опција за нас, бидејќи мора да им покриеме сместување и храна, што дополнително ги зголемува трошоците“, додава сопственик на охридски ланџ-бар.
Од друга страна, дел од туристите сметаат дека домашната услуга е подобра и дека странските работници, иако се трудат, не можат целосно да ја пренесат автентичната атмосфера на македонското гостопримство.
„Едноставно е поубаво кога ќе седнеш во ресторан и ќе те услужи келнерка од Охрид или од Битола, бидејќи имаат топлина во комуникацијата. Но, сфаќам дека угостителите се во тешка ситуација“, вели Иван Георгиев, турист од Скопје кој секоја година го поминува летото во Охрид.
Дали ќе се најде решение?
И покрај сите предизвици, охридските угостители не се откажуваат од обидите да најдат домашни работници.
Некои воведоа бонуси за редовност, а има и такви што нудат дополнителни придобивки како сместување и храна.
Сепак, останува прашањето дали високите плати се доволен мотив за младите да останат во земјата и да работат во угостителството или македонските угостители во иднина ќе мора сè повеќе да се потпираат на странска работна сила.
Едно е сигурно – туристите ќе продолжат да доаѓаат, а угостителите мора да најдат начин да ги услужат.