Граѓаните да бидат внимателни во однос на интернет страницата https: solargroup.pro/mk и вебинари на кои се нуди таканареченото „колективно инвестирање“, предупредуваат од Комисијата за хартии од вредност. Според првичните индиции на КХВ се работи за дизајнирана “понзи” шема, која ги охрабрува инвеститорите да регрутираат нови инвеститори преку систем на награди. Тоа, нагласуваат, може да ги доведе во заблуда граѓаните за легалноста во понуденото инвестирање.
„Компанијата Соларгруп нема дозвола со која и се одобрува издавање хартии од вредност, ниту, пак, е овластена да нуди инвестициски услуги на територијата на Република Северна Македонија“, посочуваат од Комисијата.
Исто така, појаснуваат дека физичките лица кои се претставуваат како „партнери” на компанијата не се овластени брокери, инвестициски советници, ниту инвестициски агенти и нивното делување не е под надзор на Комисијата за хартии од вредност.
„Вложувањето на резиденти во хартии од вредност на странски пазари и во удели од странски инвестициски фондови е регулирано со Законот за девизното работење каде со член 14 став (1) е предвидено, резидентите да можат да вршат упис, да уплатуваат и да тргуваат со хартии од вредност во странство само преку овластен учесник на пазарот на хартии од вредност или преку овластен учесник на странска берза или организиран пазар на хартии од вредност.
Оттука, резидентите не можат да инвестираат во хартии од вредност со уплаќање на средства на сметка на странска компанија во која се инвестира, бидејќи за тоа е потребно посредство на домашен овластен учесник на пазарот на хартии од вредност (брокерска куќа или овластена банка) или соодветен странски овластен пазарен учесник“, се вели во предупредувањето од Комисијата.
Затоа, Комисијата за хартии од вредност ги повикува македонските граѓани и потенцијалните инвеститори да бидат внимателни при стапување во деловен однос со таа компанија или со нејзините „партнери”. Конкретно, да се воздржат од инвестирање во „Соларгруп”.
Комисијата за хартии од вредност не е надлежена да врши надзор над законитоста на работењето компанијата „Соларгруп“ и на нејзните “партнери”, ниту може да обезбеди правна заштита на правата и интересите на граѓаните и на потенцијалните инвеститори кои, сепак, би воспоставиле евентуален деловен однос.