Кина започна нов спор против САД во Светската трговска организација (СТО) во врска со наметнувањето на контрола на извозот на чипови, охрабрен со неодамнешната потврда на Светската трговска организација дека царините за челик и алуминиум наметнати од администрацијата на Доналд Трамп ги прекршуваат правилата за глобална трговија.

Во октомври, САД воведоа правила со кои се ограничува извозот во Кина на чипови направени со помош на американски алатки, како и на сите полупроводници дизајнирани за апликации за вештачка интелигенција.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден, како дел од поширокиот стратешки натпревар со Кина, сакала со овие мерки да ги ограничи напорите на Пекинг да користи напредни технологии за да постигне глобална воена и економска предност, пишуваат светските медиуми.

САД, објаснува Блумберг, пренесува Политика р.с. се повеќе се фокусирани на ограничување на пристапот до американската висококвалитетна технологија на полупроводници, како и на зајакнување на сопствените домашни производствени капацитети, како дел од пошироката стратешка конкуренција со втората по големина економија во светот. Кинеското Министерство за трговија денеска го потврди трговскиот спор и ги обвини САД за злоупотреба на мерките за контрола на извозот и за нарушување на нормалната меѓународна трговија со чипс и други производи.

Според американските медиуми, Вашингтон останал на ставот дека неговите извозни ограничувања се во интерес на националната безбедност. Решавањето на трговските спорови преку СТО може да трае со години. Кина го направи првиот чекор познат како барање за консултации. СТО исто така има одредби во своите правила кои им дозволуваат на земјите да воведат ограничувања во интерес на националната безбедност. Ова може да и отежне на Кина да го добие овој спор.