Путин најави нови нафтоводи во Сибир, поголем претовар на нафтата на Арктикот и на Далечниот Исток, како и поврзување на руски гасоводи на дофат на клиентите од Пацификот.
Водечките азиски економии, предводени од Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја, неодамна ја купиле целата понудена руска нафта (тип „сокол“) со датум на испорака во мај.
И тоа, не обрнувајќи премногу внимание на бранот западни санкции и упорните предупредувања од Вашингтон и Брисел да се држат настрана од сибирските енергетски извори, објави американскиот портал „Оил Прајс“ од Хјустон.
Во меѓувреме, агресивноста на Западот да ја заземе „вистинската страна на историјата“ кога е во прашање конфликтот во Украина и на полето на трговијата со стратешки суровини, индискиот министер за надворешни работи Субраманјан Џаишанкар деновиве ја отфрли со остра забелешка против ЕУ:
„Индија месечно веројатно купува помалку нафта од Русија отколку ЕУ за едно попладне. Треба да се фокусирате на Европа“.
Индиските трговци со нафта го објаснуваат својот нов апетит за сибирското масло со едноставна пресметка.
„Мотивите на индиската влада се економски, а не политички. Во својата енергетска стратегија, индиската влада секогаш ќе биде заинтересирана за договор. Тешко е да не се прифати попуст од 20 отсто на цената на нафтата, кога увезувате 80 до 85 отсто од таа неопходна енергија, особено за време на пандемијата и бавниот глобален економски раст“, истакна Самир Н. Кападија, шеф на трговијата во индиската државна консултантска фирма „Фогел“.
Инаку, Индија, земја со 1,3 милијарди жители, лани пазарила само околу 2,5 отсто од потребните барели од Русија или колку САД во 2021 година.
Во меѓувреме, заклучно со март оваа година, на пет руски супертанкери се натоварени околу шест милиони барели и се насочени кон Индија. Набљудувачите на берзата пресметале дека Индија увезла за еден месец колку и во еден квартал од минатата година. Инаку, Индија набавува 60 отсто од својата воена одбранбена опрема во Русија, наведува „Оил Прајс“.
Најновата руска понуда за нафта (од типот „урал“ и „сокол“), по цена од 30 долари пониска од конкурентската нафта “брент“ и лесната тексашка нафта, доаѓа до приемчивите купувачи на азискиот пазар оваа пролет, но сепак без долгорочни залетувања.
Имено, Кина, убедливо најголемиот купувач на сибирската нафта во Азија (лани увезувала просечно околу 1,72 милиони барели дневно), деновиве бележи пад на набавката на руската нафта од околу 9,1 отсто, наведува „Блумберг“. Причините за ваквото забавување на кинеските набавки и покрај малата руска понуда се многубројни.
Една од нив е фактот што кинеските рафинерии имаат долгорочни договори со бројни добавувачи од Заливот (членки на ОПЕК на кој припаѓа и Русија). Во секој случај, евтината руска нафта со спот цена почнува да го преплавува азискиот пазар оваа пролет, отворајќи простор за нова асиметрија на светскиот енергетски пазар.
Имено, како што Западот со нетрпение се подготвува што поскоро да го обнови животот без сибирската нафта, така и Русија забележува дека „патот кон исток“ се чинел дека е прифатлив на долг рок, сега толку станува брзински неопходен, како и изнуден.
Имено, во годината до октомври 2021 година, речиси половина од рускиот извоз на нафта (49 проценти) и кондензат биле пласирани во европските членки на ОЕCD, соопшти американската Управа за енергетски информации (EIA). Според истиот извор, речиси 75 отсто од рускиот извоз на природен гас биле потрошени на почвата на Стариот континент во истиот период до октомври 2021 година.
Затоа, не е изненадувачки што шефот на Кремљ оваа недела истакна дека „Европа нема непосредна алтернатива за рускиот гас. Едноставно нема разумна замена“. Во исто време, рускиот извоз на енергија не може брзо да најде соодветна замена за европските купувачи, сметаат западните берзи.
Во секој случај, Путин изрази оптимизам на седницата за „енергетската ситуација“.
„Ги имаме сите ресурси и можности брзо да најдеме алтернативни решенија. Кога станува збор за руската нафта, гас и јаглен, можеме да ја зголемиме домашната потрошувачка… и да го зголемиме снабдувањето со енергетски ресурси во другите делови на светот, каде што тие се навистина неопходни“, рече рускиот претседател.
Со таа визија рускиот лидер укажа на потребата од планирање на изградба на нови гасоводи и нафтоводи од полињата во Сибир, како и зголемување на капацитетот за претовар на нафта на Арктикот и на Далечниот Исток.
Во исто време, шефот на Кремљ нагласи дека е неопходно да се „искористи потенцијалот на „Северниот морски пат“ и да се вклучат гасоводите „Моќта на Сибир“ и „Сахалин-Хабаровск-Владивосток“ во единствен систем на снабдување со гас, со цел да се обезбеди гас за тие региони на земјата“.
Главниот руски клиент во оваа енергетска насока е Кина. Меѓународната поддршка на Пекинг за Москва во конфликтот со Украина, нијансирана, но решителна, ја забрзува таа соработка и покрај тоа што во тој пресврт потенцијално може да има само еден голем стратег – победникот, оценува британскиот магазин „Петролеум економист“.