Првиот дел од трговскиот договор на Соединетите Држави и Кина би требало да биде потпишан оваа недела. Меѓу другото, тој ќе подразбира дека Пекинг во следните две години ќе купи американски производи од четири различни индустриски области во вредност од 200 милијарди долари, дознаваат кинеските медиуми.
Договорот предвидува дека кинеската страна ќе купи американски индустриски производи за 75 милијарди долари, енергетски производи за 50 милијарди, земјоделски производи за 40 милијарди долари, а во следните две години Кина ќе мора да потроши уште 35-40 милијарди за услуги, според весникот South China Morning Post.
Првата фаза од овој договор се очекува да биде потпишана оваа недела, поради што вицепремиерот на Државниот совет на Кина, Лиу Хе веќе пристигна во Вашингтон.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите држави веднаш ќе започнат преговори со Кина за вториот дел од договорот.