Талибанската влада во Авганистан ќе потпише договор со кинеска компанија за извлекување нафта во северниот дел на земјата. Ова ќе биде првиот голем енергетски договор со странска компанија откако Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан во 2021 година, јавува Би-Би-Си. Договорот, кој е за период од 25 години, ја покажува кинеската политика на економско влијание во регионот.

Договорот за производство на нафта ќе биде потпишан со кинеската компанија за нафта и гас во Централна Азија Ксинџијанг (CAPEIC), изјави портпаролот на талибанците, додавајќи дека производството ќе биде во регионот Аму Дарја. „Договорот за нафта Аму Дарја е важен проект меѓу Кина и Авганистан“, коментираше кинескиот амбасадор во Авганистан, Ванг Ју, за време на прес-конференцијата одржана во главниот град Кабул.

Кинеската компанија ќе инвестира 150 милиони долари годишно во Авганистан според параметрите на договорот, објави портпаролот на кабинетот на оваа земја со која владеат талибанците во објава на Твитер, пренесува Ројтерс. Инвестицијата може да достигне до 540 милиони долари во рок од три години од 25-годишниот договор, рече тој. Владата со која раководат талибанците ќе има 20 отсто удел во проектот, кој може да се зголеми на 75 отсто, додаде тој. Кинеска државна компанија исто така преговара за стопанисување со рудник за бакар во источниот дел на земјата.

Според проценките, Авганистан е богат со природни ресурси, вклучувајќи природен гас, бакар и метали од ретки земји, кои би можеле да вредат повеќе од 1 трилион долари. Сепак, голем дел од овие ресурси не се минирани поради децениските немири во земјата. Пекинг формално не ја призна талибанската власт во Авганистан, но има сериозни интереси во земјата, која е во центарот на важен регион за кинеската иницијатива „Појас и пат“, позната и како „Нов пат на свилата“. Лансирана од Кси Џинпинг во 2013 година, иницијативата обезбедува финансирање на земјите со економии во развој за инфраструктурни проекти како што се пристаништа, патишта и мостови.