Протекционизмот не води никаде, а во трговската војна нема победници, рече денеска кинескиот вицепремиер Динг Ксуеџијанг на Светскиот економски форум во Давос, според „Би-би-си“.

Кинескиот функционер во обраќањето рече дека мултилатерализмот е „вистинскиот пат за одржување на светскиот мир и унапредување на човечкиот развој“ додавајќи дека Кина „не брка трговски суфицит“ и е подготвена да увезе поконкурентни и поквалитетни производи и услуги за да ја балансира трговијата, рече кинескиот претставник.

Според него, глобалната соработка е од суштинско значење за решавање на големите глобални предизвици како што се климатските промени, безбедноста на храната и енергетската стабилност.

„Владата во Пекинг ќе остане посветена на транзицијата кон зелена енергија, и покрај повлекувањето на Соединетите Држави од Парискиот климатски договор“, додаде Ксуеџијанг.

Кина го отфрла „менталитетот на Студената војна“ и технолошките јазови меѓу богатите и сиромашните земји, ќе продолжи со реформите и исто така ќе одговори на загриженоста на странските инвеститори за недостатокот на „рамноправно поле за игра“ на кинескиот пазар, рече кинескиот вицепремиерот во својот говор.