Кинеските марки држат околу 70 отсто од пазарниот удел на нови автомобили во Русија, објави аналитичарот на податоци на компанијата Avito Auto, Артјом Соколов.
Во исто време, руските производители го достигнаа планираниот производствен капацитет и нивниот удел на пазарот на нови автомобили во Русија достигна 22 отсто во октомври 2024 година, пренесува Тасс.
Соколов додаде дека уделот на локалните брендови на рускиот пазар е зголемен за седум отсто во последните 12 месеци. Просечната цена на нов автомобил во Русија минатиот месец изнесуваше 3,4 милиони рубљи или околу 30.420 евра, а просечната цена на половен автомобил беше 1,45 милиони рубљи или приближно 12.970 евра, пренесува Танјуг.
Во октомври, според Автостат, во Русија се продадени вкупно 171.200 нови автомобили. Домашната Лада е најпродавана, јапонската Тојота ја зазеде деветтата позиција, додека останатите места во топ 10 се исклучиво кинески марки.