Девизните резерви на Кина во ноември паднаа, петти последователен месец, на 3052 милијарди американски долари, најниско ниво од март 2011 година, поради трошоците на владата, во обид да го запре падот на јуанот во однос на американската валута.
Девизните резерви изминатиот месец се намалија за 69,06 долари, покажуваат податоците на централната банка, во споредба со намалувањето од 45,7 милијарди долари во октомври.
Се верува дека кинеската централна банка продава долари за поддршка на јуанот, со оглед дека неговата вредност во ноември падна на најниско ниво во последните 8,5 години.
Кина во последниве неколку недели објави серија мерки за построга контрола на одливот на пари од државата, со тоа се зајакнуваат шпекулациите на пазарот за пораст на потенцијално дестабилизирачки одлив на капитал.
Досегашниот пад на јуанот за повеќе од 5 проценти оваа година предизвика бран шпекулации дека кинеската валута ќе продолжи да ослабнува и трговците се прашуваат уште колку долго кинеските лидери ќе можат да го бранат јуанот и да ги исцрпуваат резервите доколку американскиот долар продолжи и понатаму да зајакнува.
Дополнителен притисок врз кинеската валута создава и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, ветувајќи дека уште првиот ден 20 јануари ќе ја етикетира Кина како валутен манипулатор, и се закани со воведување на големи тарифи за увоз на кинески производи.