Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент ја поддржа номинацијата на вицегувернерката на германската централна Бундес банка, Клаудија Бух, за нов претседател на Надзорниот одбор со Европската централна банка (ЕЦБ).
На тајното гласање на членовите на Комитетот, Бух доби 29 гласа, а нејзината противкандидатка, вицегувернерката на Банката на Шпанија, Маргарита Делгадо – 23. Двајца членови на Комитетот се воздржаа од гласање.
Комитетот првично беше повеќе наклонет за избор на Делгадо, сметајќи дека е „поискусна, построга“ и посоодветен кандидат од Бух, но поддршката на ЕЦБ и на големите политички групации во ЕП за Германката резултираше на исходот од гласањето.
Со ова ќе се зголемат шансите на сонародничката на Делгадо, шпанската прва вицепремиерка и министерка за економски прашања и дигитална трансформација, Надија Калвињо, во трката за нов претседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Главен противкандидат на Калвињо за шефица на ЕИБ е еврокомесарката за конкурентност, Маргрете Вестагер, која на почетокот од месецов ја стави во мирување својата функција во Европската комисија, додека трае постапката за избор на прв човек на Банката.
Досега се очекуваше постапката за избор на претседател на ЕИБ да биде завршена, но неизјаснувањето на Франција околу изборот, како и поделбите во германската коалициска Влада за ова прашање, го одолговлече целиот процес.