Климатскиот инвестициски фонд (CIF/КИФ) го одобри Инвестицискиот план на Македонија за забрзана енергетска транзиција од јаглен кон чиста енергија во вредност од 85 милиони евра.
Финансирањето е дел од инвестициската програма за забрзана транзиција на јаглен од 2,2 милијарди американски долари, прва од ваков вид мултилатерална платформа која поддржува транзиција од фосилните горива и кон чиста енергија со концесиски финансии.
Со одобрување на овие средства се обезбедуваат првите фондови за реализација на Инвестициската платформа за праведна транзиција на Македонија во вредност од три милијарди евра која што беше лансирана на Конференцијата за климатски промени (COP 28) на Секретаријатот за климатски промени на ОН во Дубаи на крајот на минатата година.
Со Инвестицискиот план за забрзана енергетска транзиција од јаглен кон чиста енергија, Македонијa е на пат да создаде одржлива и инклузивна економија со тоа што планирани се заштеди од 13 милиони тони емисии на ЦО2 до 2038 година. До 2030 година, Владата планира да го забрза затварањето на 824 мегавати постојно производство на електрична енергија од јаглен во Битола и Осломеј.