Климатските промени не познаваат граници. Затоа е неопходен интегриран, заеднички пристап на сите чинители. Ова беше потенцирано на брифингот за новинари, којшто беше одржан денеска по повод Конференција на страните на Рамковната конвенција на ООН за климатски промени СОР28, што од 30 ноември до 12 декември ќе се одржи во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), на која ќе присуствува и државна делегација предводена од министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за здравство Фатмир Меџити.
Шукова потенцира дека она што е од особена важност за оваа конференција е успешното завршување на првиот глобален преглед кој треба да даде насоки за следните циклуси на преглед на националните придонеси за Договорот од Париз и финансирање на активностите за постигнување на целите за намалени емисии на стакленички гасови и подобрување на отпорноста.
– Целта на ОАЕ е да водат процес во кој сите страни ќе се договорат за јасен патоказ за забрзување на напредокот преку прагматична глобална енергетска транзиција и пристап „никого да не остави зад себе“ за инклузивна климатска акција. Четирите столба од Акциската агенда на Претседателството COP28 се брзо следење на енергетската транзиција, фиксирање на финансирањето на климата, фокусирање на луѓето, животите и средствата за живот и поткрепување на сè со целосна инклузивност – рече Шукова.
Таа од претстојната конференција очекува да биде поставена јасна цел за адаптација, бидејќи смета дека влијанието на климатските промени врз луѓето и животната средина е евидентно и научно докажано. Во таа насока додаде се очекува и операционализација на Фондот за загуби и штети за што веќе се најавени конкретни локации од ЕУ и другите развиени земји.
За инвестициската рамка за праведна енергетска транзиција, која ќе биде презентирана во рамките на COP28, на 3 декември информираше министерот за економија Крешник Бектеши, кој посочи дека во земјава се работи на воспоставување на инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција.
Како резултат на идно одобрување на инвестицискиот план од страна на Комитетот на Фондот за доверба на ЦИФ, Македонија ќе добиеме пристап до 85 милиони долари грантови и поволно финансирање за енергетска транзиција, заедно со околу половина милијарда американски долари финансиски средства од мултилатералните банки.
Министерот за здравство Меџити ја потенцираше клучната важност на адаптацијата кон климатските промени. Мерките за ублажување на климатските промени, како што кажа, вклучуваат примена на природен гас и исклучување на мазутот од системите за греење за потребите на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“, болницата „8 Септември“, УК „Св. Наум Охридски“, ГАК Чаир, во сите поголеми болници во Скопје, како и поставување на сончеви панели во Клиничката болница во Штип и болницата во Гостивар со поддршка на Светската здравствена организација.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Армен Григоријан, истакна дека климатските промени не се предизвик со кој можат државите самостојно да се соочат и надвор од глобалниот контекст.
-Климатските промени не познаваат граници. Затоа е неопходен интегриран, заеднички пристап на сите чинители. Како што беше случај во минатите 20 години, Програмата за развој на Обединетите нации, ќе продолжи силно да ги поддржува чекорите кои ги преземаат Владата и надлежните министерства за справување со овој предизвик – рече Григоријан.