Соединетите Американски Држави ја престигнаа Кина како водечки пазар во светот за финансирање на климатските технологии во првата половина од оваа година, иако вложениот износ се намали, според новата анализа на „BloombergNEF“.
Американските компании собраа 6,7 милијарди долари, помалку од 9,8 милијарди долари во првите шест месеци од 2023-та година. Но, тоа сепак ги надмина инвестициите во Кина, каде што компаниите за климатска технологија успеаја да соберат 5, 1 милијарда долари во првата половина на 2024-та година, што е помалку од 14,5 милијарди долари во истиот период минатата година.
Важноста на САД во секторот не е изненадување за оние кои внимателно го следат екосистемот за климатска технологија, со оглед на огромната улога што климатската политика на Вашингтон ја има врз инвестициите, особено преку Законот за намалување на инфлацијата (IRA). Дарежливите даночни олеснувања и технологиите како што се батерии, зафаќање на јаглерод и производство на водород, како и грантови и заеми од Министерството за енергетика, помогнаа да се изгради довербата на инвеститорите во овие индустрии, од кои многу допрва треба да бидат целосно комерцијализирани.
„Денес, САД се гледаат како поволен пазар за климатската технологија со оглед на ИРА, додека Кина заостанува поради проблемите со прекумерниот капацитет“, коментира аналитичарот на БНЕФ, Мусфика Миши.
Кина сега е рангирана како втор по големина пазар за стартапи за климатска технологија, а Канада е трета, со финансирање на стартап компании од 1,8 милијарди долари во првата половина од годината.
Глобалното финансирање на секторот е намалено за речиси 50% во споредба со истиот период минатата година, намалувајќи се на 22 милијарди долари. Ова ги одразува општите макроекономски движења како што се високите каматни стапки, посочува Миши.
Покрај тоа, некои инвеститори кои претходно вложуваа пари во технологии фокусирани на климата, се префрлаат на вештачка интелигенција. Овој сектор собра речиси 47 милијарди долари во првата половина на 2024-та година, што претставува зголемување од 60% во споредба со истиот период минатата година, проценува „Pitchbook“.