Владата на својата интернет страница ги објави повиците и тендерските документации со кои се бара оператори за производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија за парно греење на скопјани на местото на БЕГ, кому Регулаторната комисија за енергетика претходно му ги одзеде трите лиценци за работа, објави Фактор.мк.

Ќе биде избран оној кој ќе понуди најголема инсталирана можност за топлинска енергија, а се очекува тоа да бидат трите новоформирани претпријатија на АД ЕСМ. Јавното отворање на понудите ќе се одржи на 7 септември во Владата.

Освен еден оператор, може да се пријават и група понудувачи на владиниот оглас, но дејноста мора да биде  производство, дистрибуција или снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.и да има кумулативен приход од 2 милијарди денари во последните три години.

Операторот треба да има право на користење барем на две третини од можноста на постројките за производство на топлинска енергија во главниот град, да има договори со потребниот број на машински и електро инженери и работници кои барем три години ракувале со енергетски уреди и постројки.

Ова алудира на тоа дека трите друштва на ЕСМ веќе имаат договор со Адора Инженеринг, компанија која лани во стечајна постапка го купи недвижниот имот во топлана Исток и топлана Запад, дотогаш сопственост на стечајниот должник Друштво за производство и дистрибуција на топлинска енергија Топлификација АД во стечај Скопје.

Избраниот понудувач по изборот треба да поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика за издавање на лиценца, а еден од потребните критериуми е тоа што во текот на грејната сезона треба да обезбеди алтернативно гориво за 15 дена работа со максимален капацитет.