Во Германија има 251 милијардер, но човекот кој има најголемо богатство помеѓу нив е основачот на познатиот ланец супермаркети „Лидл“, Дитер Шварц кој се смета дека е најбогатиот Германец.
Ранг-листата на дневниот весник „Билд“ покажува дека овој осумдесетгодишен основач на „Лидл“ и ланецот Кауфланд има имот вреден 41,8 милијарди евра.
На второ место е семејството Рајман, кое е сопственик на компаниите „Јакобс“, „Коти“ со имот вреден 21,45 милијарди евра, а на трето е семејството на Волфганг Порше, сопственик на компанијата „Порше“ и „ВВ“, со имот вреден околу 20 милијарди евра.
Вкупниот имот на 1.000 најбогати Германци, според „Билд“, во моментов достигнува вредност од 1,1 трилиони евра, што е за 0,76 проценти повеќе од минатата година.
Весникот наведува и дека во Германија има 251 милијардер, што е за осум помалку од минатата година.