Македонија има потреба од работна сила од странство, сметаат експертите. Поради туристичката сезона во моментов најкритично е во угостителскиот сектор, па неодамна Туристичко угостителската комора побара веднаш да се олесни влезот во земјава на 5.000 келнери, садопери, рецепционери и собари од Турција, кои би работеле во нашите угостителски објекти.

Но, освен угостителството, засегнати се и други сектори, смета Зоран Кочовски, сопственик на компанијата „Коузон“. Сепак, оценува тој, нам не ни требаат сезонци, туку постојано вработени странски работници.

-Евидентен е недостатокот на работна сила во земјава. Освен во угостителството, недостасуваат работници и во други сектори, на пример градежништвото. Изумираат некои занаети, веќе има недостаток на молери, водоводџии, плочкари, бравари, а наскоро дефицитот уште повеќе ќе се чувствува. Тоа е така зашто младите не сакаат да ги учат тие занаети. Затоа ќе ни требаат работници од странство, вели Кочовски.

Во таква ситуација тој смета дека ништо добро нема да се постигне ако од странство земаме сезонци, односно работници кои би ги држеле само два-три месеци колку што трае сезоната, а потоа да ги вратиме назад.

-Странски работници ни требаат постојано. Но нашата држава нема организиран систем за да ги привлече и да ги задржи. Нивниот прием треба да биде организиран и со одредена цел. Ако целта ни е да работат сезонски, само одредено време, не се решава проблемот. Поцелисходно е ангажирањето работна сила од странство да биде долгорочно, смета Кочовски.

Според последната евиденција на Агенцијата за вработување во мај во државата имало 120.174 лица кои активно бараат работа. Бројот на невработени повеќе од една година значително се намалува од месец на месец. Вчера на сајтот на Агенцијата беа објавени околу 8.000 слободни места. Но, ако добро се погледаат понудите за работа, ќе се види дека огромен дел од нив се повторуваат, што значи дека потребните работници тешко се наоѓаат. Од друга страна, нема точна евиденција колку македонски граѓани отишле на работа во странство, привремено или постојано, привлечени од големата побарувачка на работници во земјите на Европската Унија. Кочовски смета дека работната сила се ситни токму поради одливот во странство. Според него причините за тоа не се само економски.

– Младите не си одат од земјата само од економски причини, туку и поради политичката несигурност. А за тоа се виновни политичарите, оценува Кочовски.

Инаку, најголемиот дел, или над половината од евидентираните невработени во земјава се без образование и со основно образование. Најбарани во државава се општите работници, хигиеничарите, продавачите, градежниците, келнерите, шанкерите, возачите на камиони…