Експертите контра владата – кризниот данок нема да ги опфати успешните компании кои со години остваруваат добри профити и исплаќаат дивиденди. Ова значи дека новото даночно решение не се однесува на банките, финансиските друштва, компаниите од енергетиката и фармацијата, како што тврдеше власта. Истите фирми добро заработувале и во кризните 4 години, па немаат толку голем скок на добивката.

– Нема да имаат екстра профит затоа што разликата ќе им биде многу мали. Нема да бидат оптеретени со ваквата мерка бидејќи во 2022 та имаат многу мало зголемување на добивката. Значи требаше да се додаде уште една позиција и да се опфатат сите оние кои добро заработувале сите 4 години, во време на криза, па делеа и дивиденди и бонуси за вработените, изјави Павле Гацов, даночен експерт.

Гацов смета дека е добро да се воведе данок на екстра профт, но според него ефектот врз буџетот ќе беше поголем ако се смени основата за одданочување.

– Кога има кризна година сите треба да се однесуваме кризно. Но, пак ќе кажам, треба да се опфатат сите оние кои биле успешни, не треба да м се прости на тие кои постојано билдале добивка и сега пак ќе поминат без одданочување, додава Гацов.

Владата најави дека сите компании кои оваа година оствариле приход над 10 милиони евра и истиот е за 20% повисок од просечната добивка по одданочување во изминатите 4 години, ќе плаата данок на екстра профит од 30%. Според проекциите, од околу 180 компании се очекува да се соберат 90 млиони евра, пари кои ќе бидат наменети за помош на стопанството и граѓаните. Опозицијата најави дека е против ваквиот данок и истиот нема да го поддржи, а против е и бизнисот, кој смета дека се испраќа лоша порака до компаниите кои биле успешни и инвестирале годинава. Според нив, владата создава лоша репутација и влеава несигурност и кон странските инвеститори.