Како дигитализацијата го менува банкарското работење
Онлајн апликација за сите производи, вклучувајќи и отворање на сметка за потенцијални клиенти; нови апликации за мобилно банкарство; бесконтантно плаќање со мобилен телефон; зголемена безбедност за е – commerce трансакциите; можност за клиентите да влијаат врз висината на каматната стапка за време на животниот век на потрошувачкиот кредит; ненаменски потрошувачки кредит комбиниран со мешовито животно осигурување… сето ова е дел од продуктите, услугите и иновациите што македонските банки веќе го пласираа на пазарот или допрва ќе го понудат.
Како што најави и претседателот на УО на Стопанска банка АД Скопје, Диомидис Николетопулос, во неговото неодамнешно интервју за „Капитал“, не само за банката што ја води, туку и за останатите учесници на пазарот годинава ќе помине во знакот на дигиталните трансформации на услугите и процесите.
“Ова особено важи во делот на self service кој го нудиме за клиентите кои имаат афинитет кон дигитални решенија и модерна технологија. Токму овие новитети ќе придонесат нашите клиенти да имаат поголема контрола, чувство на безбедност и слобода за располагање со своите средства 24/7.“, рече Николетопулос.
Тој додаде дека во банката забележуваат скратено време на чекање, селење на базични трансакции на онлајн решенијата, зголемено користење на дигиталните канал, и затоа се насочуваат кон бизнис модел кој ќе значи воведување зголемена автоматизација за клиентите.
“На тој начин, повеќе време ќе може да се посвети на клиентите кои ги посетуваат филијалите со покомплексни барања како и за нашата советодавна улога и поддршка за клиентите.“
Комерцијална банка исто така продолжува со зголемената понуда на дигитални производи, коишто според менаџментот, не само што ја подобруваат брзината и ефикасноста на работењето на клиентите, имаат и многу позитивни ефекти на надоместоците.
„Одредени статистики покажуваат дека при користењето на електронската банка на Комерцијална банка просечно надоместоците може да достигнат намалување и до 60%. И понатаму ќе ја интензивираме понудата и обуката на клиентите за употреба на електронската банка, мобилното банкарство, дигитализираните телефони, е – трејдер продуктот за работа со хартии од вредност и други производи.“, објаснуваат од Комерцијална банка коишто периодов се најактуелни со својата понуда за бесконтактно плаќање со помош на мобилен уред. Се работи за KomPay, апликација што всушност претставува “мобилен паричник”. Сите кои се корисници нa Mastercard картички издадени од банката, а притоа поседуваат смартфон со Android оперативен систем кој има NFC технологија, имаат можност да ја преземат бесплатната апликација од Google Play Store и со помош на истата да извршуваат бесконтактни плаќања во трговија.
Сајбер ризикот еден од најголемите предизвици за банките
Во ПроКредит банка, којашто прва на македонскиот пазар излезе со 24/7 банкарска услуга, насочени се кон дигитална понуда преку нивната нова платформа ProCredit Direct, со којашто банката им нуди на клиентите можност за оnline апликација за сите производи, вклучувајќи и отворање на сметка за потенцијални клиенти. Тимот задолжен за online oпслужување, ги процесира добиените информации и ги контактира заинтересираните клиенти со цел потврда и прецизирање на сите услуги и производи кои клиентот ќе ги користи во банката.
„Откако клиентот ќе ја подигне својата картичка и ќе го инсталира дигиталниот сертификат за online потпишување, банката се префрла во неговиот мобилен уред и посетата на филијала останува во минатото. Сите трансакции како трансфер на средства од трансакциска на штедна сметка, плаќања во земјата и странство, плаќања на комуналии и проверка на промет на сметка, клиентот може да ги процесира и следи електронски со свое корисничко име и лозинка во неговото персонализирано електронско банкарство.“, објаснуваат од ПроКредит.
Дигиталната трансформација чини многу пари, па така, буџетите на банките за оваа цел допрва ќе се зголемуваат. Едно глобално истражување покажа дека во банкарската индустрија во светски рамки, годинава се проценува да се инвестираат 519 милијарди долари за информатички технологии, што би било за 4% повеќе отколку лани. Еден од главните предизвици на дигитализацијата на банкарските услуги е сајбер ризикот којшто се зголемува со се поголема меѓусебна поврзаност во банкарството. Менувањето на потребите на бизнисот и справувањето со дигитални напади врз безбедноста од сè пософистицирани хакери се главни предизвици за директорите на банките. Токму поради тоа, многу пари се вложуваат и во обезбедување на сајбер безбедноста преку поголема соработка меѓу банките и регулаторите, вклучувајќи и споделување на информации и најдобри практики.
Стопанска банка – Битола, на пример, во насока на поголема заштита на клиентите корисници на платежни картички го воведува и 3D Secure глобалното решение, дизајнирано да ги направи e – commerce трансакциите посигурни, потврдувајќи дека трансакциите се иницирани од вистинскиот имател на картичката.
“3D Secure е препознаен како највисок меѓународен стандард за заштита на интернет трансакции. Сите новитети и подобрувања на дигиталните сервиси сè со цел задржување на довербата кај нашите клиенти и нивна заштита.“, вели директорката за работа со население во Стопанска Банка – Битола, Весна Дацева.
Банката се приклучува кон конкуренцијата на пазарот којашто веќе нуди мобилно банкарство. Сега плаќањата преку апликацијата за електронско банкарство можат да се верификуваат со користење на OTP лозинка преку мобилна апликација.
“Во завршна фаза сме и со имплементација на нова апликација за мобилно банкарство, со која ќе внесеме слобода кај клиентите за употреба од кое било место и време и ќе ги ослободиме од непотребните трошоци и потребата да доаѓаат во експозитурите, особено за реализирање на основните банкарски трансакции.“
Поедноставување на продуктите и процесите
Во Охридска банка Сосиете Женерал потврдуваат дека дигитализацијата е клучна и во тој правец им се насочени сите процеси.
„Имајќи ја предвид создадената база на електронски канали, сегмент во кој секако се очекуваат новитети е клиентите по електронски пат покрај можноста да ги доставуваат своите барања и да аплицираат за посакуваните производи и услуги, истовремено да го завршуваат комплетниот процес за реализација на одредено барање онлајн. Потенцијалот во оваа насока е огромен, а дигиталните производи ќе рефлектираат со значајни бенефиции и на двете страни, и за клиентите, и за банката.“, велат во Охридска банка.
Едни од главните цели на дигитализацијата се поедноставување на продуктите и процесите во кредитирањето и останатите услуги на банките. Во Унибанка ни рекоа дека во моментов работат на нов продукт во рамки на потрошувачките кредити.
“Покрај атрактивните услови, исто така ќе им овозможиме на клиентите да влијаат врз висината на месечната каматна стапка во текот на животниот век на кредитот. Во нашиот фокус се и постојаната надградба на електронското и мобилното банкарство, кои имаат за цел да обезбедат брзина и ефикасно плаќање за клиентите, а притоа да се одржи високото ниво на безбедност, како на нивните трансакции, така и на личните податоци. Кредитните картички ги развиваме во чекор со стандардите во овој сегмент, а се разбира тука се и депозитните продукти на банката, кои како од аспект на висината, така и од аспект на типот на каматната стапка се меѓу најатрактивните на пазарот.“, велат во Унибанка.
Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје во интервју за Капитал истакна дека моментално работат на проекти што ќе одговорат на актуелните потреби на бизнис заедницата.
“Ја продлабочуваме нашата соработка со компаниите и внимателно ги следиме нивните прашања и очекувања. Тука сме веќе и подготвени соодветно да одговараме. Ги унапредуваме релациите и ја прошируваме поддршката и кон занаетчиската заедница. Од нашите меѓународни партнери очекуваме и работиме за повторно обезбедување атрактивни линии за поддршка на домашните значајни проекти.“, вели Суџубаши.
Во однос на населението, тој истакнува дека она што се нуди во делот на потрошувачки и станбени кредити, додадени услуги со осигурување, депозитни промоции, сегментирани решенија за различни групи, сигурен е дека ќе го придобие интересот и довербата на луѓето.
„Секако, го прошируваме асортиманот на понуди во делот на алтернативните канали, картичното работење и електронските услуги. Со дополнителните вредности и со новите решенија што ги нудиме во овој дел, ќе ја зголемиме целата – национална употреба на електронските, безготовински плаќања. Ќе ја продолжиме поддршката и на развојот на е – трговијата.“
Новитет – ненаменски потрошувачки кредит во комбинација со мешовито животно осигурување
Покрај дигитализацијата на процесите и продуктите за да ја зголемат својата ефикасност и го поедностават банкарското работење за своите клиенти, банките се натпреваруваат меѓу себе и со иновации во традиционалните продукти, како што се потрошувачките кредити, на пример.
Шпаркасе Банка Македонија вели дека годинава прва на пазарот воведува ненаменски потрошувачки кредит во комбинација со полиса за мешовито животно осигурување.
“Производот дава можност кредитот да е осигурен со животно осигурување, и при отплата на кредитот клиентот има заштедени средства. Нашите клиенти сега ќе имаат можност да ги финансираат своите потреби под најповолни услови, осигурувајќи го својот живот и отплатата на кредитот, штедејќи за себе и своите најблиски.“, објаснуваат од Шпаркасе.
Стопанска банка – Битола пак, како новитет за населението воведе станбен кредит како дел од пакетот производи со фиксна каматна стапка за првите 10 години, кредит со ризико полиса на износ до 1.200.000 денари, како и депозити со конкурентна фиксна каматна стапка за штедење на долг рок.
„Продолжуваме со понуда на кредитна картичка од брендот MasterCard Standard со конкурентна каматна стапка од само 5,99% годишно и можност за минимална месечна отплата на искористениот кредитен лимит од само 1%. За правните лица креиравме пакет за SME клиенти, препознавајќи ги нивните потреби за финансирање на профитабилни бизнис проекти, со тоа што им овозможуваме бесплатни совети, знаење и компетенции за развој на бизнисот. Го поддржуваме и кредитирањето на агробизнисите.“, велат од Стопанска банка – Битола.
Извор: Капитал