Поволни кредити до 50.000 евра за компаниите кои се најпогодени од кризата. Планот за поддршка на компаниите тежок 5 милиони евра е веќе подготвен и доставен до Владата. Парите ќе одат преку Развојната банка, а првично ќе бидат наменети за компаниите од угостителскиот, туристичкиот сектор и малите транспортни фирми.
Кредитите се лимитирани на максимум 50 000 евра за да има пари за повеќе правни лица. Во однос на каматата, таа или ќе биде многу ниска или воопшто нема да ја има, односно ќе се плаќаат само административните трошоци за кредитот.
Премиерот Спасовски вели дека во Буџетот има финансиски средства за оваа намена и тие ќе бидат ставени на располагање.
-Точно е дека имаме на располагање финансиски средства во Буџетот, затоа и рековме дека се ликвидни. Во моментот кога ќе се процени дека треба на одредена категорија на стопанственици да се помогне да се излезе во пресрет тоа ќе го направиме. И државата и мерките се подготвени и се што треба да биде преземено овој момент ќе биде преземено, без разлика што сме во предизборна ситуација, изјави Спасовски.
Сепак, заради предизборниот период мислење се бара и од антикорупциска, а се шпекулира дека во комисијата која ќе работи на одобрување на кредитите ќе бидат поканети да учествуваат и претставници на опозицијата.
Инаку, лидерот на опозицијата и денеска повтори дека се потреби итни мерки за стопанството.
И експерите и стопанствениците деновиве апелиреаа Владата да излезе со сет мерки за да го поддржи стопанството пред да почне да се намалува ликвидноста. Стравот кај бизнис секторот е уште поголем затоа што е неизвенсо колку ќе трае кризата со ширењето на корона вирусот.