Одредени компании од Србија остварија профит измерен во милиони долари продавајќи стоки од западни производители во Русија, кои се под санкции на САД и ЕУ. Проблемот е што оваа стока се користела во руската воена индустрија и завршила на украинското бојно поле. Во мирниот дел на Раковица, во зелениот и тивок Миљаковац, ништо не укажува дека во зградата на последниот кат е сместена една од најуспешните компании во Србија.
Истражувачките новинари на Радио Слободна Европа, по неколкумесечно макотрпно разгледување на договорите, пратките и царинските бази на податоци, откриле дека за помалку од една и пол година компанијата „Коминвекс“, сопственост на извесен Марко Сворцан, извезла во Русија стока во вредност од над 140 милиони долари, од кои 50 милиони стоки кои се под санкции на ЕУ. Истражувањето на РСЕ покажа дека во голем број случаи електронски компоненти од американски производители, вклучувајќи ги Интел, АМД и ХП, биле испорачани во Русија преку Србија.
Исто така, се покажа дека стоката никогаш не ни поминувала низ Србија, туку била платена од Србија, додека транспортот одел од земји каде американските производители имаат фабрики, а кои немаат воведено санкции – од Кина, Виетнам и Малезија. ЕУ во неколку наврати ја предупреди Србија за повторен извоз во Русија. ЕУ сега организира работилници со институциите на Србија, со цел да се застане на патот на извозот на стоки во Русија под санкции.