Педесет милиони евра народни пари се издвоени во буџетот и чекаат да бидат вбризгани во стопанството како владина финансиска подршка за нови вработувања, инвестиции и подобрување на конкурентноста. Законот за финансиска подршка на инвестициите треба веќе утре да биде усвоен на владина седница, а потоа предлог-текстот ќе влезе во собраниска процедура. Очекувањето на бизнис- заедницата е дека брзо ќе биде изгласан бидејќи се предвидува дека субвенциите што фирмите ќе ги добијат врз основа на овој закон ќе ја раздвижат домашната економијата и ќе придонесат за раст на индустријата.
Според одредбите од законот, корисници на државна финансиска помош може да бидат деловни субјекти кои вршат производствени дејности и кои оствариле пораст на приходите од дејноста и кои имаат ист или пораст на просечниот број на вработени. Кандидатите за субвенции треба овие резултати да ги постигнат во последната година од работењето во однос на просекот од претходните три години или за пократок период доколку фирмата е регистрирана и почнала со дејност во период пократок од четири години од денот на доставување на барање за доделување на финансиска подршка.
Но, според предлог- законот, одредени правни лица и деловни субјекти не може да конкурираат за оваа државна помош. Тоа се: правни лица кои вршат дејности од јавен интерес утврдени со закон; субјекти кои вршат лиценцирана и регулирана дејност; трговски фирми (големопродажба и малопродажба), вклучувајќи изградба и управување со трговски центри за малопродажба; субјекти кои вршат услуги; слободни професии (адвокати, лекари, архитекти, сметководители, ревизори, нотари, извршители и друго); субјекти корисници на право на концесии, ако им е тоа доминантна дејност; банкарски и небанкарски финансиски институции; корисници на субвенции од областа земјоделство и рибарство; наменско производство (вооружување и воена опрема); производители и трговци со акцизна стока; субјекти кои приредуваат игри на среќа; градежни фирми поврзани со изградба и продажба на станови и станбени згради и тоа само за делот на градежната дејност изградба и продажба на станови; субјекти кои обавуваат дејности од областа на информациско- комуникациски услуги освен ако дејноста е поврзана со воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување.
Сите бараат брза постапка
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески посочи дека компаниите се задоволни со мерките од Планот за економски раст и дека стопанството изразува поддршка за побрзо донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
– Очекуваме брза постапка за донесување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, за да компаниите бидат поттикнати на нови инвестиции и зголемување на бројот на вработени. Деблокирањето на Собранието и донесувањето на новиот сет владини мерки за поддршка на компаниите е последниот начин да фатиме чекор кој ќе не одведе на вистинскиот пат- изјави Азески.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев вели дека очекува имплементацијата на овој Закон да ја раздвижи економската активност во земјава.
– Изминатите шест месеци водевме јавна дебата со сите засегнати страни, ги вградивме сите издржани забелешки и ценам дека предлог Законот е применлив и лесно имплементирачки и ќе придонесе за раст на индустријата и економијата- рече Анѓушев.
Три главни столба
Во делот за финансиска подршка за инвестиции ќе се доделуваат субвенции за создавање на нови вработувања; воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од земјава; воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување; за инвестициски проекти од значаен економски интерес; за пораст на капитални инвестиции и приходи; и за откуп на средства од претпријатија во потешкотии. Субвениции по основ на конкурентност ќе добијат деловни субјекти кои ја зголемиле својата конкуретност на пазарот, а ќе се дава финансиска поддршка на деловните субјекти за да освојуваат нови пазари и за пораст на продажба. Финансиска поддршка ќе се дава и за нови вработувања со полно работно време. При тоа, деловниот субјект кој ќе исплаќа континуирано месечна нето плата која е најмалку за 50 отсто повисока од минималнатата нето плата предвидена со Законот за минимална плата има право на финансиска поддршка во износ од 20 отсто од исплатената месечна нето плата за секое ново вработување во текот на претходната година. Во предлог- законот пишува дека максималниот годишен износ на финансиската подршка кој може да се додели за едно ново вработување изнесува 4.400 евра, а субвенцијата не може да се доделува за временски период подолг од пет години сметано од денот на склучување на договорот за вработување.