Во периодот од 01.01-30.06.2018 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.314.700.000 денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 39,2 милиони денари, соопшти банката преку Македонската берза.

„Повеќекратното зголемување на финансискиот резултат се должи на интензивните активности на банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци за кој поради влошување на состојбите во текот на 2017 година беше издвоен значителен износ на исправка на вредност.

Имајќи го предвид потенцијалот на комбинатот, како и интересите на сите засегнати страни, банката во текот на првиот квартал од 2018 година, склучи договор за продажба на своите побарувања од „ФЕНИ ИНДУСТРИ АД Кавадарци во стечај”.

Согласно условите од договорот, целосна негова реализација и исплата на вкупниот износ на побарувањата беа реализирани до крајот на март, по што во билансите на банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат. Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето е за 19,9% поголема во однос на минатата година година.

Ова во најголем дел се должи на зголемувањето на останатите приходи, а пред сè на приходите од капитални добивки од продажба на преземен имот од должникот „Брилијант Штип“, што беше реализирано со склучување на договори за купопродажба на недвижен имот, подвижни предмети и права на индустриска сопственост со „Витаминка АД Прилеп““, соопшти банката.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.551.500.000 денари и бележат зголемување од 10,3% во однос на истиот период од минатата година. Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.06.2018 година истите бележат намалување од 13,5% во однос на истиот период од минатата година што главно произлегува од намалена состојба на кредити дадени на секторот нефинансиски друштва.

Планот за анализираниот период е остварен со 95,5%. Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2018 година изнесуваат 411 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат намалување од 2,1%. Планот за анализираниот период е остварен со 104,2%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.06.2018 година изнесуваат 84,7 милиони денари и бележат зголемување од 40,4%. Планот за анализираниот период е остварен со 142,3%. Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2018 година изнесуваат 771,5 милиони денари и бележат зголемување за повеќе од два пати, при што порастот главно произлегува од приходите од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот за анализираниот период е остварен со 129,1%.

Оперативните расходи за периодот 01.01-30.06.2018 година изнесуваат 802,5 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се намалени за 6,1%. Планот е остварен со 98,8%. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа заклучно со месец јуни изнесува 369,8 милиони денари и во најголем дел се однесува на оштетување на имот преземен по 01.01.2010 година чија нето вредност е сведена на нула согласно регулативата од НБРМ.

„Во извештајниот период исправката на вредност на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансни изложености на нето основа достигна износ од 64,4 милиони денари наспроти остварена дополнителна исправка на вредност на финансиските средства во износ од 1.401,5 милиони денари во истиот период минатата година, што се должи на преземените активности за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци земајќи ги предвид потенцијалите на комбинатот и интересите на сите засегнати страни“, велат од банката.

 

Банката ќе ги презема сите неопходни активности за остварување на зацртаните цели и задачи во рамки на Програмата на мерки и активности на деловната политика за 2018 година, при што ќе биде фокусирана пред се’ на подобрување на квалитетот на портфолиото. Растот на кредитната активност на Банката се очекува да биде умерен во делот на кредитирање на нефинансиски правни лица, како и делот на кредитирање на население согласно регулативата од страна на НБРМ, при што не се планираат значителни промени во структурата на активата. Исто така не се планирани значителни промени во структурата на изворите на финансирање, така што депозитите на нефинасискиот сектор и натаму остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.