Минималните плати во повеќето земји-членки на Европската унија и земјите кандидати пораснаа побрзо од инфлацијата, што резултираше со реално зголемување на куповната моќ на работниците ширум регионот. Бизнис анализата на Euronews покажува значителни разлики во животниот стандард на работниците со минимална плата во различни делови на Европа.
Според последните податоци од јануари 2025 година, во десет од 22 земји на ЕУ месечната минимална бруто плата е сè уште под 1.000 евра. Дури и кога бројките се приспособени на стандардите за куповна моќ, разликите остануваат значајни. На пример, минималната плата во Германија е повеќе од двојно повисока од онаа во Бугарија кога се гледа куповната моќ.
Податоците на Евростат покажуваат дека бруто-месечните минимални плати во ЕУ се движат од ниско ниво од 551 евра во Бугарија до највисоко ниво од 2.638 евра во Луксембург.
Меѓу земјите кандидати, најниска минимална плата од 285 евра бележи Молдавија. Важно е да се напомене дека пет земји-членки на ЕУ – Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска – немаат национална минимална плата.
Кога платите се споредуваат според паритетот на куповната моќ (PPS), разликите стануваат помалку драматични. Додека номинално еден работник во Луксембург заработува речиси пет пати повеќе од колегата во Бугарија, во однос на куповната моќ, таа разлика е намалена на 2,3 пати. Во споредбата со PPS, Германија (1992) го презема водството со највисока ефективна минимална плата, додека во Естонија (878) е забележана најниска.
Посебно е интересно како одделни земји се позиционираат поинаку кога се споредуваат номиналните плати и куповната моќ. Така, Романија се подобрува за осум места, а Црна Гора за пет, што покажува дека нивните пониски номинални плати, всушност, овозможуваат подобар животен стандард отколку што изгледа на прв поглед.
Слично подобрување на позицијата имаат и Унгарија, Србија и Бугарија. Спротивно на тоа, Ирска паѓа од второто на петтото место, а Естонија паѓа речиси на дното, што укажува на високите трошоци за живот во овие земји. Хрватска останува на средината, со мало подобрување кога се зема предвид куповната моќ.
Од 24 анализирани земји, само четири забележаче реален пад на минималната плата кога ќе се спореди растот на платите со инфлацијата. Најпогодена е Турција, каде што со инфлација од 44,4%5 минималната плата се зголемила за само 3%.
Благ реален пад забележале и Кипар, Албанија и Белгија. Од друга страна, Црна Гора води по реален раст со номинален пораст од 25,9 отсто и инфлација од само 2,6%, што резултира со значително зголемување на куповната моќ. Значителен реален раст забележале и Романија, Бугарија, Хрватска и Литванија.
Новата директива на ЕУ за минимална плата, која има за цел да ја одреди минималната плата на 60% од просечната бруто плата, веќе покажува влијание. Според експертите на Eurofound, директивата поттикна зголемување во неколку земји и се очекува да продолжи да биде клучен двигател на растот на минималната плата.