Во годишниот извештај кој што го соопшти Стопанска Банка А.Д Битола преку Македонската Берза се гледа дека во 2017 година на членовите на Надзорниот одбор и на Управниот одбор, како и другите лица со посебни права и одговорности им беа исплатени вкупно 45,87 милиони денари за бруто-плати и останатите примања, што претставува понизок износ за 0,70 милиони денари во однос на минатата година.
Исто така „За присуство на седници на членовите на НО им беа исплатени 4,13 милиони денари, а на членовите на ОР им беа исплатени 0,64 милиони денари. Начинот и износот на наградување на членовите на УО се дефинираат со одлуки донесени од страна на НО на Банката.
За наградување на лицата со посебни права и одговорности Политиката поставува критериуми кои треба да бидат исполнети за остварување: годишни бонуси со Одлука од НО, како и еднократни месечни бонуси и нематеријални награди за кои одлучува УО.
Надоместоците на НО со посебен акт се определуваат од страна на Собранието на акционери.
Со состојба на 31.12.2017 година, вкупниот износ на одобрени кредити и други облици на изложеност кон членовите на НО и УО, како и другите лица со посебни права и одговорности и со нив поврзаните лица, изнесува 125,47 милиони денари. Обврските кон овие лица со состојба на 31.12.2017 година изнесуваат 189,21 милиони денари“, соопшти банката.