Вкупните глобални воени трошоци минатата година се искачија на 1,981 милијарди долари, што претставува реално зголемување од 2,6 проценти во однос на 2019 година, покажуваат новите податоци објавени од Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ).
Петте најголеми потрошувачи во 2020 година, кои заедно сочинуваат 62 проценти од глобалните воени трошоци, беа САД, Кина, Индија, Русија и Велика Британија. Кинеските воени трошоци пораснаа 26-та по ред година.
Трошоците на американската војска ги надмина трошоците на Кина, Индија, Русија, Велика Британија, Саудиска Арабија, Германија, Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Италија и Австралија заедно.
Раст на воените трошоци и покрај пандемијата
Зголемувањето од 2,6 проценти на светската воена потрошувачка се случи за една година кога глобалниот бруто домашен производ (БДП) се намали за 4,4 проценти (проекција на Меѓународниот монетарен фонд во октомври 2020 година), најмногу заради економските ефекти од пандемијата на КОВИД-19. Како резултат, воените трошоци како дел од БДП достигнаа глобален просек од 2,4 проценти во 2020 година, во споредба со 2,2 проценти во 2019 година, што е најголемо од глобалната економска криза во 2009 година.
Иако воените трошоци се зголемија на глобално ниво, некои земји прераспределија дел од планираните воени трошоци за одговор на пандемијата, како Чиле и Јужна Кореја. Неколку други, вклучувајќи ги Бразил и Русија, потрошија значително помалку од првичните воени буџети за 2020 година.
Србија и Хрватска се убедливо пред другите во регионот
Воената потрошувачка на Србија и Хрватска надминува една милијарда долари и е до 10 пати поголема од инвестициите на некои земји во регионот. Минатата година, според податоците на СИПРИ, Србија инвестирала повеќе од 1,121 милиони долари во секторот за одбрана, додека трошењето на Хрватска изнесува скоро 1.035 милиони.
Најмалата воена потрошувачка во регионот минатата година е забележана во Косово.