Без сомневање, 2024 година ќе биде година на рекордни добивки на банките во Македонија. Во вакви услови, рацете ги тријат пред сѐ акционерите, поради потенцијални високи дивиденди, а менаџментот поради засилените финансиски позиции на банките. Каде се вработените во банките во овој успех? Дали рекордните профити на банките им носат среќа и задоволство и на нивните вработени?

Неревидираните финансиски извештаи за 2024 година, што ги објавија шест банки во земјава (три големи и три мали), откриваат и други интересни факти за работењето на банките во минатата година. Во 2024 година трите најголеми банки во земјава: Комерцијална банка, Стопанска банка и НЛБ банка, и две мали банки, ТТК банка и Централна кооперативна банка, ги зголемиле трошоците за вработените иако дел од нив дури и го намалиле бројот на вработени.

Комерцијална банка објави најголем раст на вкупните трошоци за вработени, кои во 2024 година пораснаа за 12,4 насто и изнесуваа 1,45 милијарди денари. Заклучно со 30 јуни 2024 година, банката имаше 961 вработен, односно 5 вработени помалку во однос на 31.12.2023 година. Тоа значи дека месечно за еден вработен плаќала бруто-износ од 125.491 денар.

Следна е НЛБ банка, која месечно по вработен плаќа 110.082 денари. Оваа банка во 2024 година имаше вкупни трошоци за вработените во износ од 1,27 милијарди денари. На крајот од јуни имаше вкупно 959 вработени, што е осум луѓе повеќе во однос на 31.12.2023 г. НЛБ банка бележи годишен раст на вкупните трошоци за вработени од 6,9 насто.

Во Стопанска банка АД Скопје растот на трошоците за вработени изнесува 9,3 насто, но бројот на вработени е намален од 940 (31.12.2023 г.) на 916 (30.06.2024 г.). Трошокот по вработен во банката месечно изнесуваше 105.804 денари. Вкупниот трошок за вработените во 2024 година изнесуваше 1,16 милијарди денари.

Стопанска банка АД Битола е единствената меѓу овие банки што ги намалила и бројот на вработени и вкупните трошоци за вработените во 2024 година. Заклучно со 30.06.2024 г., банката имаше 200 вработени, кои ја чинеле 190 милиони денари. Тоа е пад од 8 насто во однос на претходната година. Месечниот трошок по вработен во оваа банка изнесува 79.047 денари.

Во ТТК банка вкупните трошоци за вработените во 2024 година изнесуваа 247 милиони денари и се повисоки за 14,3 насто во однос на 2023 година. За секој вработен, од вкупно 260, банката месечно имала трошок од 79.125 денари.

Централна кооперативна банка ги зголемила вкупните трошоци за 226 вработени за 11 насто, т.е. потрошила 205,5 милиони денари. Месечниот трошок по вработен во ЦКБ банка во 2024 година изнесуваше 75.787 денари.

Целата анализа на следниот линкhttps://pari.com.mk/dali-rekordnite-profiti-na-bankite-im-nosat-srekja-i-zadovolstvo/