Државниот завод за статистика ги објави податоците за индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во април 2018 година и тој изнесува 105,5. Овие бројки покажуваат зголемување во однос на април 2017 година, а тоа пред сè се должи, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Рударство и вадење на камен (32,1 %), Преработувачка индустрија (13,1 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (11,3 %).
Исто така, забележано е зголемување и на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, и тоа во секторите: Рударство и вадење на камен (13,3 %), Административни и помошни услужни дејности (4,1%) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (3,5 %).
Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во април 2018 изнесува 35.117 денари.
Што се однесува, пак до просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април 2018 година, според податоците од ДЗС, таа изнесувала 23.942 денари.
Индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април 2018 година, во однос на април 2017 година, изнесува 105,6. Од ДЗС објаснуваат дека ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата во секторите: Рударство и вадење на камен (32,2 %), Преработувачка индустрија (13,0 %) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (11,4 %).
Како и кај просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен и овде е забележано зголемување во однос на претходниот месец и во истите сектори.