Покрај платеното здравствено осигурување, најголем дел од граѓаните кои се соочија со вирусот Ковид-19, мораа да одат во приватни лаборатории. А, таму ги дочекаа изгор цени. За ПЦР тест се плаќаше околу 2.500 денари, за крвна слика со дидимери и со CRP – 1.500 денари, за антитела – 1.200 денари. Во екот на пандемијата, термини во државните лаборатории немаше и граѓаните беа принудени да плаќаат приватно.
Препораката на лекарите беше почесто контролирање на дидимери, а тоа значеше дека болните од Ковид-19 неколку пати мораа да посетат приватна лабораторија. Сепак, приватните лаборатории ја пополнија „дупката“ во државниот здравствен систем, обезбедувајќи ги здравствените услуги, поврзани не само со вирусот, туку и со другите здравствени проблеми.
Според податоците од платформата БизнисМрежа.мк, минатата година во приватните лаборатории граѓаните оставиле најмалку 21 милион евра. Толкав бил вкупниот приход во Авицена, Биотек, Никоб Лаб и Синлаб, додека нивната вкупна нето-добивка е околу 7,8 милиони евра, што покажува висока профитабилност на лабораториите.