Комерцијална банка започна со исплата на дивиденда од добивката реализирана минатата година. Дел од парите веќе се легнати на сметка на акционерите.

Банката ја заврши 2020 година со бруто-добивка во износ од 2.067,1 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 155,1 милиони денари, нето-добивката на банката изнесува 1.911,9 милиони денари или околу 31 милион евра.

Акционерите на банката уште на почетокот на годината донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 1.911,9 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 60% од номиналната вредност на акцијата, односно по 600 денари на една акција.

Поради ограничувањата од Народна банка исплатата на дивидендата се одложи, но откако деновиве забраната престана да важи Комерцијална банка најави дека од денеска (24 август) ќе започе исплатата. Последен ден на тргување со право на дивиденда беше 9-ти август.

Комерцијална банка има 5207 акционери. Вкупниот број на акции е 2 279 067. Најголем акционер е Адора Инженеринг. Градежната компанија во сопственост на Ванчо Чифлиганец  заедно со поврзаните лица поседува вкупно 341.860 обични акции, односно има учество од 14,9999% во основната главнина на Комерцијална банка АД Скопје.

Како најголем акционери Чифлиганец по основ дивиденда од Комерцијална банка ќе заработи 3,3 милиони евра.