Во периодот од 01.01-31.03.2019 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 435,2 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 966,6 милиони денари.
Помалку остварениот финансиски резултат во тековниот период се должи на два настани кои имаа клучно влијание на структурата на приходите на Банката во истиот период од минатата година. Имено, во текот на првиот квартал од 2018 година беа финализирани интензивните активности на Банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци, такашто беше склучен и реализиран договор за продажба на побарувањата од ФЕНИ, со што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат. Дополнителен ефект во минатата година имаше и реализираната висока капитална добивка од продажба на преземен имот. Наспроти ова, во тековниот период доминираат приходите од редовни активности и се забележува стабилизирање на нивото на исправката на вредност на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансни изложености.
Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 49% помала во однос на минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од помалиот износ на реализирани останати приходи, а пред сè приходи од капитални вложувања и капитална добивка. Имено, во истиот период минатата година Банката изврши продажба на имот преземен од должникот Брилијант Штип по кој основ реализираше капитална добивка во вкупен износ од 411 милиони денари.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 928,3 милиони денари и бележат намалување од 35,4% во однос на истиот период од минатата година.
Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2019 година истите бележат намалување од 13,8% во однос на истиот период од минатата година што главно произлегува од секторот нефинансиски правни лица. Планот за анализираниот период е остварен со 90,5%.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2019 година изнесуваат 232,4 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 16%. Планот за анализираниот период е остварен со 100,7%.
Нето приходите од курсни разлики на 31.03.2019 година изнесуваат 31,6 милиони денари и бележат намалување од 34,7%. Планот за анализираниот период е остварен со 91,1%.
Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2019 година изнесуваат 85,1 милион денари и бележат намалување како резултат на повеќе реализирани приходи од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот во првиот кваратал од минатата година.
Оперативните расходи за периодот 01.01-31.03.2019 година изнесуваат 387,6 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 3,4% по основ на зголемена премија за осигурување на депозитите и други расходи за хипотекарни објекти. Планот е остварен со 96%.
Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа заклучно со месец март изнесува 2,8 милиони денари и во најголем дел се однесува на оштетување на имот чија нето вредност е сведена на нула согласно регулативата од НБРСМ.
Во извештајниот период Банката оствари исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 102,7 милиони денари наспроти остварено ослободување на исправка на вредност на финансиските средства во износ од 271,7 милиони денари во истиот период минатата година, што беше резултат на преземените активности за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци.