Од Комерцијална банка ги потсетуваат постојните и потенцијалните инвеститори дека при носењето на своите инвестициски одлуки потребно е да ги имаат во предвид како краткорочните квартални резултати од работењето, така и долгорочните годишни предвидувања.

Во првите три месеци од годинава односно во периодот од 01.01-31.03.2023 година Комерцијална банка АД Скопје оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1,03 милијарди денари (или околу 16,9 милиони евра, што е речиси двојно повеќе во однос на истиот период минатата година, кога бруто добивката изнесуваше 522,6 милиони денари (или 8,49 милиони евра), што претставува зголемување за 98,9 отсто. Планираната бруто добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 136,4 отсто, се вели во коментарот на Билансот на успех и Биланс на состојба доставени до Македонската берза.

Притоа, како што се додава, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 67,9 отсто поголема во однос на истиот период минатата година.

Инаку, од Комерцијална банка ги потсетуваат постојните и потенцијалните инвеститори дека при носењето на своите инвестициски одлуки потребно е да ги имаат во предвид како краткорочните квартални резултати од работењето, така и долгорочните годишни предвидувања, планираните активности и нивниот ефект на финансискиот резултат и сите останати релевантни информации.

Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката, се посочува во образложението доставено до Берзата.

Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво. Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност на пазарите, сѐ уште висока инфлација која забележа мало забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.

Инаку, како што се додава, вкупните приходи од работењето изнесуваат 1,58 милијарди денари и се повисоки за 40,6 отсто во однос на истиот период лани.

 

Затегнувањето на монетарната политика ги зголеми каматните стапки

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2023 година истите бележат зголемување од 82,6 отсто во однос на истиот период од минатата година. Притоа, треба да се укаже дека заради затегнувањето на монетарната политика и зголемените каматни стапки, остварен е пораст и на приходите од камати на кредитите дадени на правните лица и населението, но тој пораст е значително, дури неколкукратно помал од порастот на приходите од камати кај нерезидентите, кај финансиските друштва, па и кај државата, посочуваат од банката.

На пример, зголемувањето на каматните приходи остварени кај финансиските друштва, каде доминираат пласманите во благајнички записи и депозитите во НБРСМ, се единаесеткратно поголеми, а кај нерезидентите, каде доминираат пласманите во странски банки се и над четиринаесеткратно поголеми од приходите остварени во истиот период минатата година. Тоа е затоа што во првиот квартал од минатата година каматната стапка Euribor беше околу 0 % или негативна, а оваа година достигна околу 3,5 отсто – 4 отсто. Кај благајничките записи, каматите се зголемија од 1,25 отсто на најновите 5,50 отсто, а на државните записи од 0,40 отсто на 3,70 отсто, или 5,25 отсто кај двегодишните државни обврзници, па сѐ до 7,14 отсто кај последната еврообврзница, се вели во образложението на Билансот на успех.

Исто така, просечната пондерирана каматна стапка на депозитите во странска валута, споредено со истиот период минатата година, е зголемена од 0,25 отсто на 4,39 отсто, додека просечната пондерирана каматна стапка на пласманите во НБРСМ од 0,31 отсто на 3,63 отсто.

Токму затоа, во билансот на Банката, за прв пат приходите од камати кај финансиските друштва и нерезидентите збирно, се значително поголеми од приходите од каматите кај населението. Или пак, збирните приходи од каматите кај финансиските друштва, нерезидентите и државата се значително поголеми од приходите од камати кај правните лица, објаснуваат од Комерцијална банка.

Притоа се додава дека банката ги оствари овие резултати благодарение на структурата на активата, во која над 55 отсто од пласманите се во парични средства, парични еквиваленти и пласмани во хартии од вредност, што влијаеше на одржување на висока ликвидност и профитабилност од каматни приходи.

Како резултат на ваквите движења, нето каматната маржа на ниво на Банката се зголеми од 1,9 отсто во првиот квартал од минатата година, на 3,3 отсто во истиот период од оваа година.
Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2023 година изнесуваат 267,9 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 6,8 отсто како резултат на зголемен обем на активности кој продолжува од минатата година. Планот за анализираниот период е остварен со 89,2 отсто.

Нето приходите од курсни разлики на 31.03.2023 година изнесуваат 96,7 милиони денари и бележат зголемување од 68,8 отсто, во најголем дел како резултат на зголемениот промет на девизен пазар со правни лица, како и по основ на методолошка промена на евидентирањето на приходите од девизно работење почнувајќи од 01.01.2023 година. Планот за анализираниот период е остварен со 159,2 отсто.

 

Зголемени оперативни расходи

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2023 година изнесуваат 66,6 милиони денари и бележат намалување од 64,4 отсто во најголем дел како резултат на помалиот износ на наплатени претходно отпишани побарувања, како и поради извршена измена на евидентирањето на приходите од девизно работење, кои од 01.01.2023 година се евидентираат во позицијата курсни разлики. Планот е остварен со 40,6 отсто.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.03.2023 година изнесуваат 485 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 2,9 отсто како резултат на зголемен износ на плати и други трошоци на вработените поради зголемување на вредноста на бодот кон крајот на 2022 година, како и зголемената амортизација. Планот е остварен со 92,8 отсто.

Во периодот од 01.01-31.03.2023 година, Банката прокнижи загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа во износ од 1 милион денари, во согласност со регулативата од НБРСМ.

Во извештајниот период Банката прокнижи исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 54,6 милиони денари, наспроти 128,8 милиони денари во истиот период минатата година, се вели во образложението на Билансот на успех.

Инаку, во образложението за Биланс на состојба, меѓу другото се наведува дека вкупната актива на Банката на 31.03.2023 година достигна износ од 152.8 милијарди денари и во однос на декември 2022 година бележи зголемување од 1,2 отсто.

Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел се должи на зголемувањето кај вложувањата во хартии од вредност, а во помал дел и поради зголемените кредити на и побарувања од банки и зголемените кредити на и побарувања од други комитенти. Планот е остварен со 100,1 отсто.
Кредитите на и побарувањата од банки бележат зголемување од 209,7 отсто, кое се должи главно на зголемените девизни депозити од 3 месеци до 1 година во валута УСД. Планот е исполнет со 308,6 отсто.

Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 0,7 отсто како резултат на зголемено кредитирање, пред сѐ на секторот домаќинства. Планот е остварен со 99,6 отсто.

Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 21,1 отсто главно како резултат на запишани континуирани државни обврзници во денари, запишани државни записи и купени македонски еврообврзници. Планот е остварен со 119,3 отсто.

Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се зголемени за 58,6 отсто и имаат минимално учество во вкупната актива.

Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 134,07 милијарди денари и бележат зголемување од 0,4 отсто. Планот е остварен со 99,5 отсто.
Обврските по кредити изнесуваат 678,3 милиони денари и се намалени во однос на декември 2022 година за 2,8 отсто, како резултат на нето-ефектот од нови повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 103,7 отсто.

Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 31.03.2023 година достигнаа износ од 15,46 милијарди денари. Во нивната структура, останатите резерви бележат пораст од 8,6 отсто, додека задржаната добивка е намалена, согласно Одлука за распределба на добивката за 2022 година, донесена од Собранието на акционери на 29.03.2023 година. Планот е реализиран со 96,5 отсто.

 

Дивидендите ќе се исплаќаат од 4 мај 

Во однос на очекувањата за претстојниот период, во дописот до Берзата се вели дека високото ниво на неизвесност во домашната економија и на меѓународен план упатуваат на потребата од поконзервативен пристап во обликувањето на очекувањата за 2023 година, при што се земени предвид проекциите објавени од Министерството за финансии, Народната банка на Република Северна Македонија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

„Банките ќе ги следат сигналите на Народната банка во однос на монетарната политика и соодветно ќе ги коригираат каматните стапки на депозитите и кредитите“, посочуваат од банката.

Притоа се додава дека Комерцијална банка ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред сѐ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите, ефикасно управување со трошоците, натамошна дигитализација на процесите и модернизација на деловната мрежа, прилагодување на деловните процеси во согласност со барањата на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, унапредување на доброто корпоративно управување и на практиките за одржлив развој и сл.

Во извештајниот период Банката објави повик за учество на Годишно собрание на акционери. На 29.03.2023 година беше одржано годишно собрание на акционери на Банката. Составен дел на материјалите за собранието беа и Одлуката за употреба и распределување на нераспределената добивка до 31.12.2022 година и Одлуката за определување на износот на дивидендата и датуми на исплата на дивиденда за 2022 година.

Согласно наведените одлуки, износот кој Банката ќе го издвои за дивиденда за обични акции е 1.139.533.500 денари. Датумот на евиденција според кој ќе се определи листата на акционери кои имаат право на дивиденда е 18.04.2023 година.

Согласно Одлуката, износот на бруто-дивидендата по една акција е 500 денари, односно 50 отсто од номиналната вредност на акцијата. Предвиден датум за започнување со исплата на дивидендата е 04.05.2023 година.