Во периодот од 01.01-31.03.2018 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 966,6 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 39 милион денари.

Повеќекратното зголемување на финансискиот резултат се должи на интензивните активности на Банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци за кој поради влошување на состојбите во текот на 2017 година беше издвоен значителен износ на исправка на вредност. Имајќи го предвид потенцијалот на комбинатот, како и интересите на сите засегнати страни, Банката во текот на првиот квартал од 2018 година, склучи договор за продажба на своите побарувања од „ФЕНИ ИНДУСТРИ АД Кавадарци во стечај” во вкупен износ од 1.495.913.713,00 денари. Согласно условите од договорот целосна негова реализација и исплата на вкупниот износ на побарувањата беа реализирани до крајот на март, по што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат.

 

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето е за 60,3% поголема во однос на минатата година година. Ова во најголем дел се должи на зголемувањето на останатите приходи, а пред сè на приходите од капитални добивки од продажба на преземен имот од должникот „Брилијант Штип“, што беше реализирано со склучување на договори за купопродажба на недвижен имот, подвижни предмети и права на индустриска сопственост со „Витаминка АД Прилеп“ со вкупна вредност на договорите од 7.300.000,00 евра.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 1.437,2 милиони денари и бележат зголемување од 34,7% во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 31.03.2018 година истите бележат намалување од 8,4% во однос на истиот период од минатата година што главно произлегува од секторот нефинансиските правни лица. Планот за анализираниот период е остварен со 95,6%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.03.2018 година изнесуваат 200,4 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 0,3%. Планот за анализираниот период е остварен со 101,6%.

Нето приходите од курсни разлики на 31.03.2018 година изнесуваат 48,4 милиони денари и бележат зголемување од 59,3%. Планот за анализираниот период е остварен со 162,8%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 31.03.2018 година изнесуваат 517,3 милиони денари и бележат зголемување за пет пати, при што порастот главно произлегува од приходите од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот за анализираниот период е остварен со 188%.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.03.2018 година изнесуваат 375 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се намалени за 7,3%. Планот е остварен со 92,3%.

Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа заклучно со месец март изнесува 367,3 милиони денари и во најголем дел се однесува на оштетување на имот преземен по 01.01.2010 година чија нето вредност е сведена на нула согласно регулативата од НБРМ.

Во извештајниот период Банката оствари ослободување на исправката на вредност на финансиските средства на нето основа во износ од 271,7 милиони денари наспроти остварена дополнителна исправка на вредност на финансиските средства во износ од 606,6 милиони денари во истиот период минатата година, што се должи на преземените активности за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци земајќи ги предвид потенцијалите на комбинатот и интересите на сите засегнати страни.