Македонските компании покрај во нови технологии ќе мора да инвестираат и во еколошки стандарди и да ги воведат во своето работење доколку сакаат да бидат конкурентни и успешни и на европскиот пазар, сметаат од Стопанската комора.
Станува збор за стандарди за заштита на животната средина кои дефинираат системи за управување или тим-менаџмент системи кои како алатки за подобри процесни перформанси во голема мера ќе придонесат за континуирано унапредување на работата на секоја компанија.
ИСО 9001 стандардот организира процес на прикажување на активностите на една компанија, ИСО 14001 настојува тие активности да се контролираат и да немаат негативно влијание врз животната средина, ИСО 45001 вели дека вработените се најголемиот капитал на една компанија и дека таа внимава на нив и настојува да работат во здрава работна средина, ИСО 22000 кој потврдува производство на безбедна храна.
За жал во земјава не постои еден национален регистар преку кој може да се види конкретната бројка на компании коишто ги имаат имплементирано стандардите.
– Комората си води сопствен регистар според кој некаде околу 160-170 компании го имаат имплементирано основниот стандард ИСО 9001. Мал е бројот на компаниите кои го имаат имплементирано стандардот ИСО 14001 – рече Емилија Тодоровска од Стопанската комора.
Според неа, нашите компании не е дека не се заинтересирани за воведување на овој стандард, туку малку се и уплашени од неговата примена.