Драстично се зголемени цените на енергијата и ние во моментот се наоѓаме во најтешката криза. Компаниите се во кома, изјави денеска Мирко Велковски, претседател на Регионалната стопанска комора Битола.
Сите регионални претседатели имаа средба во Скипје со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Велковски вели дека трошоците им се зголемени неколкукратно и тврди дека се потребни интервентни мерки.
„Нашите компании се загрозени и ние се наоѓаме во најтешката криза досега. Практично сме во кома. Се обраќаме затоа што ни се потребни мерки, државата да инвестира во стратешки компании“, вели Велковски, кој тврди дека РЕК Битола произведува струја за 69 евра за мегаватчас, а компаниите се принудени да ја плаќаат на пазарот и за 250 евра за мвч.
Бранко Азески вели дека комората останува на своите ставови за намалување на сивата економија, разрешување на корупцијата, а во вакви услови да не се зголемуваат даноците и да има извесност.
„Има сериозни предизвици и она што е важно од аспект на енергетската криза е државата да издава полесно дозволи за изградба на фотоволтаици на самите објекти“, рече Азески.
А.Т.