Читам и не ми се верува! Ќе протестирале извршителите… Не им се исплаќало да работат по новиот ценовник, и се заканаа дека ќе ги затворат канцелариите. Одлично. Слободно направете го тоа на сеопшто задоволство.
Во услови на ваква шизофренија и паралелни универзуми имам предлог:
До државата, т.е. Министерството за правда и Собранието: Веднаш укинете ги ваквите пракси и овој тип на извршување. Оформете свои служби, како порано, и извршувањето нека оди преку судот. „Загрозениве“ извршители ставете ги на 15.000 денари плата. Ако не сакаат, слободно нека се пробаат во приватен бизнис. И онака се накалапија со кеш за да отворат барем по седум бизниси. Нека фураат во реален сектор, не од позиција на моќ.
Направете правилник, по досегашното искуство на „приватниве“ извршители. За колку време се реагира по даден предмет за ивршување. Ако рокот е 30 дена, службеникот мора во тие 30 дена да постапи по предметот и да пристапи кон извршување. Доколку не постапи, си оди и тој дома.
Дали ќе постапуваат правилно новите судски извршители? Па, и нема некоја филозофија… Тие можат веднаш да испратат барање до банките, каде по матичен број веднаш ќе се утврди каде има дожникот активни сметки и кои му се примањата. Потоа, ЗАКОНСКИ, му одредува една третина во сите банки и си се продолжува со постапката. Сите банки се информирани дека тој и тој ЕМБГ е блокиран за тој и тој износ. Ниту е технички захтевно, ниту е морално погрешно….Доколку должникот треба да одговара со имот, прибелешката на имотниот лист ја реди судскиот службеник по службена должност… Ако ова не го оствари за 30 дена, нормално си оди дома. Едноставно се средува со чек листа. Како во цел нормален свет. Светот се ориентира на блокчејн технологија и вештачка ингелегенција, не е премногу ако се побара чек-листа систем во антикава да имплементираме….
Доколку должникот нема што да му се наплати во моментот, или нема имот на свое име, постапката се повторува секој месец или два… И повторно службеникот се движи по истата чек листа…
Целата работа ја надгледува нова, независна и професионална комисија. Ако чиновникот не се движи по чек листите, си оди дома… Ако чиновникот кривотвори, е коруптивен, лажи или прави некакви махинации, си оди дома и е кривично гонет за содружништво…
Банките, катастарот и другите засегнати ентитети од страна на Судот, извештаите ги доставуваат, нормално, бесплатно…
Доколку десет години должникот не е ликвиден и не може да му се изврши по ставки пари или имот, делото застарува и се враќа на доверителот како застарено дело. Со овој начин, плебсот се ослободува од обврските ( ако е сеуште во земјата ) и се ресетира…
Исто така, постои и можност за да се воведе категорија „личен банкрот“ кој е премногу комплициран за нас, античкиве граѓани на Империјава на Сонцето, но можеме барем да почнеме со чек листиве…
Наум Димитровски