Повеќе од 200 жени претприемачки ќе имаат можност за меѓусебно споделување на искуства и знаења на конференцијата „Жени претприемачки“ што денеска по петти пат ќе се одржи во Скопје. Истовремено ќе бидат доделени статуетките на победничките во изборот за „Жена на годината 2022“.
Пред присутните, свои презентации ќе имаат Ирена Јакимова која ќе зборува на темата „Личниот развој на жената претприемачка како најсилен фактор за раст на бизнисот“, Ксенија Николова на темата „Да се биде херој значи да продолжиш да се бориш и кога не знаеш дали ќе победиш“, фитнес инструкторот Марио Јовановски ќе зборува „Зошто навистина треба да вежбаме“, а Наташа Дуковска на темата „Интуицијата и чувственоста се наша, женска предност, и, да и двете се поврзани со претприемништво!“ . Кратка презентација пред присутните насловена како „Не се стигнува лесно до успехот, но штиклите и насмевката се одличен сопатник на патот!“ ќе одржи и психологот и лиценциран семеен системски психотерапевт Марија Коневска.
Во церемонијалниот дел на настанот ќе бидат прогласени годинашните добитнички на изборот „Жена на годината“ во вкупно 10 категории.