На денешната Донаторска конференција, организирана од  Секретаријатот за европски прашања, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими, пред нашите странски партнери и донатори, ги презентираа стратешките развојни документи важни за напредокот на нашата земја, разговараа и за следните чекори за проширување на развојната соработка, со цел постигнување на целите и приоритетите што оваа Влада ги постави.

„Координацијата и усогласувањето на странската помош се интегрален дел од нашите подготовки за пристапување во Европската Унија. И покрај одредениот степен на развој, управување и координација на развојната помош што ја постигнавме, сè уште има предизвици кои би можеле да се надминат и рационализираат, а кои бараат итно внимание”, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Според Маричиќ, Владата ја препознава важноста на ефективната координација на странската помош и останува посветена на натамошно подобрување на нејзината ефикасност, преку значително зајакнат координативен механизам, поттикнат од процесот на пристапување во Европската Унија.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се задржа на клучниот аргумент „зошто ни е потребна Националната развојна стратегија (НРС)”, велејќи дека тоа е да ни помогне заеднички да го трасираме развојниот пат за  нашата земја за  следните 20 години, преку инклузивен, партиципативен процес, процес кој може да изгради консензус меѓу различните општествени чинители.

„Подготовката на Национална развојна стратегија има јасна и силна поддршка од мнозинството граѓани. 80% од граѓаните сметаат дека процесот на изготвување Национална развојна стратегија е од исклучителна важност. 89% сметаат дека спроведувањето на една ваква стратегија ќе го подобри квалитетот на животот. 83% очекуваат стратегијата да придонесе за усогласување на државните приоритети. Речиси 60% од граѓаните сметаат дека е исклучително или многу важно лично да учествуваат во содржината на Националната развојна стратегија 2022-2042″, рече Битиќи, додавајќи дека податоци доаѓаат од репрезентативна анкета што се спроведе на почетокот на процесот на НРС се охрабрувачки за нас, но создаваат и обврска за креирање, имплементирање и редовно следење на реализација на приоритетите во НРС.

Во своето обраќање пред донаторската заедница, министерот за финансии, Фатмир Бесими, нагласи дека донаторската координативна конференција  ја гледа како настан со развојни партнери, и оти истата треба да придонесе кон подобрување на канализирањето на капацитетите кон националните приоритети.

„Во услови кога има промени на финансиските пазари и кога има промена на проекциите, мора да ја подобриме нашата ефикасност. Новата реалност е дека живееме во време на криза по криза. Притоа, важно е да инвестираме во капитални проекти што ќе дадат поголема вредност за граѓаните. Во моментов сме насочени кон реализација на две цели и тоа закрепнување и остварување на повисоки стапки на раст и фискална консолидација”, истакна Бесими.

Донаторската конференција е форум на кој високи претставници од донаторската заедница во Република Северна Македонија се собираат со цел да се разменат идеи за унапредување на стратешко и ефикасно користење на програмите за финансирање.