Големите јужнокорејски компании со забрзано темпо ги проверуваат можностите за враќање во Русија, користејќи ја можноста што ја отворија преговорите за завршување на војната во Украина, пишува The Korea Times.

Ако Украина и Русија склучат мировен договор откако се договорат за запирање на нападите врз енергетската инфраструктура, најверојатно ќе бидат укинати санкциите против Русија, што ќе им овозможи на корејските компании да продолжат да работат на рускиот пазар, објави викендов јужнокорејскиот весник.

Во 2021 година вредноста на јужнокорејско-руската трговска размена изнесуваше 29,9 милијарди долари, а Русија се најде на 12-то место на листата на извозните пазари за јужнокорејските компании, цитира весникот податоци од Министерството за надворешни работи.

Во групата големи јужнокорејски компании, „LG Electronicѕ“ неодамна продолжи со дел од своите деловни активности во Москва, пишува весникот.

„Целта е да се спречи влошување на производствените капацитети кои се неактивен од почетокот на војната“, изјавил за Korea Times еден од челниците на компанијата, додавајќи дека тие користат „залихи на материјали во објектот“. Пред војната, фабриката произведуваше машини за перење и фрижидери.

„Hyundai Motor Grоup“, исто така, ги проучува деловните можности во Русија по војната, објави Korea Times, истакнувајќи дека компанијата, заедно со „Kia“, беа на врвот на листата популарни брендови во Русија во 2021 година. Во декември 2023 година, тие ја продадоа фабриката во Санкт Петербург за 10 илјади рубли (120 долари), со можност да ја откупат во рок од две години.

„Не е донесена одлука“, нагласува претставникот на „Hyundai Motor Group“, додавајќи дека будно ја следат ситуацијата.

„Kia“, „Hyundai Mobis“ и „Hyundai Steel“ неодамна објавија слободни работни места во Русија, а „Samsung Electronics“, исто така, ги испитува можностите за обновување на бизнисот, по суспензијата на производството во фабриката во Калуга во 2022 година, забележува Korea Times.