Тргувањето ќе продолжи само електронски. Берзата во Њујорк е симбол на американскиот капитализам и демократија
Берзата во Њујорк привремено ќе ја затвори својата иконска сала за тргување во долниот дел на Менхетен и целосно ќе премине на електронско тргување од понеделник како мерка на претпазливост заради појавата на корона вирус, јавија вечерва медиумите во САД.
Ќе биде затворено тргувањето на паркет на Њујоршката берза (NYSE) на која се тргува со термински хартии од вредност односно опции (NYSE American Options market) во Њујорк, како и подружницата во Сан Франциско – NYSE Arca Options.
„Тргувањето на паркет на Њујоршката берза овозможува единствено искуство за издавачите и за инвеститорите, но нашите пазари се целосно способни да работат и електронски. Ние ќе продолжиме на тој начин се додека не бидеме во можност повторно да го отвориме подот за тргување за нашите членови“, изјави Стејси Канингам, претседател на Њујоршката берза. Тргувањето ќе продолжи да се извршува во вообичаеното работно време.
Неколку илјади брокери и други учесници на пазарот ја полнеа салата во која се одржува тргувањето на Берзата уште од 90-тите години. Но, во изминатиот период, со подемот на електронското тргување, сега таквиот начин доминира на Вол Стрит. Сега има околу 500 брокери на паркетот на Берзата во Њујорк, вели Jош Кинг, портпарол Интерконтинентал ексчејнџ ( Intercontinental Exchange), матичната компанија на Њујоршката берза.
Информацијата дојде по турбуленциите на американските финансиски пазари во текот на изминатите денови.
Индустрискиот индекс „Дау Џонс“ падна во средата за повеќе од 1.300 поени или 6,28 отсто, во уште еден ден на масивна нестабилност поради корона вирусот.
Индексот Стандард и Пурс (S&P 500) падна за 5,17 отсто за 2.398 поени а Насдак за 4,7 отсто на 6.989 поени на затворањето на пазарите. Дау заврши на 19.898 поени, само неколку стотини поени над нивото во јануари 2017 година, кога претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата. Во текот на тргувањето, индексот се спушти и под тоа ниво.
Тргувањето на кратко беше стопирано, откако S&P 500 се спушти под прагот од 7 %.