Коста Митровски, претседател на Управниот одбор продаде 2.584 акции со право на глас во „УНИ Банка“ во период кога цената на акцијата на таа банка константно расте на домашниот пазар. Ќе видиме како на берзата ќе влијае информацијата дека првиот човек ги продал своите акции
Коста Митровски, претседател на Управниот одбор на „УНИ Банка“ продаде 2.584 акции со право на глас во банката со која раководи, ова е официјална информација што беше објавена на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност.
Засега не се знае кои се мотивите за Митровски за продажба на неговите акции, но оваа информација веројатно ќе има свое влијание врз другите инвеститори и трејдерите кои тргуваат на берзата со таа акција. Особено сега кога таа акција има континуиран тренд на зголемување на пазарната цена од почетокот на месецов до сега таа порасна за речиси 20 отсто.
Своите 2.584 акции Митровски ги продал во јуни. Тоа значи дека продажната цена на акциите се движела меѓу 2.300 денари и 2.600 денари за акција. За своите акции Митровски инкасирал околу 100.000 евра односно околу 6 милиони денари.
Како инвеститорите на берзата ќе го протолкуваат сигналот на Митровски, човекот што оперативно е главниот кормилар на „УНИ Банка“ и според тоа можеби и знае најмногу за пазарната позиција на банката, за нејзините перформанси, реализацијата на целите и за односите со клиентите и акционерите?
Наскоро ќе види како нашиот пазар ќе ја процесира оваа информација и дали таа ќе биде катализатор за некој тренд на акцијата и во кој правец ќе оди тоа. Книговодствената вредност на таа акција е 3.138 денари и во поселдниве три години таа пораснала за 746 денари заради тоа што акционерите одлучуваа да не делат дивиденда туку да ја капитализираат добивката во компанијата.
Извор: Фактор