Премиерот појасни дека изминатиот период е утврден пораст на цените на оризот и јајцата, како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи…
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, одржа прес-конференција во врска со денешната владина одлука за замрзнување на цените на јајцата од кокошка и оризот. На прес-конференцијата присуствуваше министерот за економија, Крешник Бектеши.
Премиерот појасни дека изминатиот период е утврден пораст на цените на оризот и јајцата, како резултат на движењата во однос на извоз и увоз на овие производи.
Исто така потсети и на досегашните мерки на Владата за заштита на интересите на граѓаните, односно на замрзнувањето на цените на белиот и полубелиот леб, како и на намалување на цените на дел од тестенините за 15% и цените на дел од млечните производи за 10 отсто.
„И овие одлуки, како и денешната, беа донесени врз основа на претходно направени анализи, а се во правец на заштита на интересите на граѓаните и заштита на домашниот пазар од нарушувања во однос на понудата и побарувачката. Внимателно ги следиме и реакциите во јавноста. Сакам уште еднаш во оваа прилика да порачам дека ќе делуваме согласно потребите и интересите на граѓаните. Нема да дозволиме личен профит врз грбот на граѓаните. Затоа и ги носиме сите овие мерки, за да олесниме на граѓаните и да го подобриме квалитетот на животот на сите во услови на ваква економска и енергетска криза“, нагласи премиерот Ковачевски, на прес-конференцијата.