Цените на светските берзи се зголемени за една четвртина помалку отколку Во Македонија, порача вицепремиерот Фатмир Битиќи посочувајќи дека покрај бизнис има нешто што се вика етика.
Најранливите категории граѓани, пред се пензионерите, примателите на загарантирана социјална помош, младите, односно студенти и средношколци ќе добијат државна помош со прераспределбата на Буџетот кој е доставен до Собранието, информира денеска премиерот Димитар Ковачевски, најавувајќи ригорозни мерки за зголемувањето на цените во малопродажбата.
Одговарајќи на новинарски прашања по направениот увид на градежните работи за изградба на затворен пливачки базен во Општина Карпош тој ги потврди најавите на министерот за финансии Фатмир Бесими и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека веќе се издвоени финансиски средства за најранливите категории граѓани.
-Сметам дека финансискиот антикризен пакет треба да биде обемен за да опфати повеќе граѓани, кои имаат потреба од дополнителни финансиски средства во текот на зимските месеци. Со оглед на тоа дека се работи за категорија граѓани кои не можат да остваруваат дополнителни приходи, изјави Ковачевски.
Тој информира дека вчера со министрите за економија и за финансии разговарале за движењето на цените во малопродажбата и оти забележале нивно нереално зголемување.
– Она што го увидовме од статистичките анализи изработени од експерти во Министерството за економија, но и од надворешни експерти се забележува зголемување на цените и профитите во малопродажбата. Соодветно на тие анализи ќе бидат предложени ригорозни мерки од Владата и нема да има пардон. Сигурно ќе има негодувања, но нема да дозволиме во време на криза некој да ги зголемува своите профити во апсолутен износ на сметка на граѓаните, кои треба да врзат крај со крај, нагласи претседателот на Владата.
Посочи дека во опција е и замрзнување на цените, нагласувајќи дека мерките ќе бидат ригорозни.
Претходно и вицепремиерот Фатмир Битиќи порача дека во кризно време компаниите не треба да бидат една од причините за кризата да биде уште поголема.
-Неетичкото однесување води до поголеми последици кои можеби веднаш нема да ги видиме, но утре веќе ќе биде доцна, порача Битиќи, посочувајќи дека се прават обиди да се докаже дека има договорање за цените во неколку сектори.
-Неетичкото однесување прави да не можеме да ги задржиме младите. На денешниот настан зборуваме за можности на младите, а од друга страна се соочуваме со секакви неетички однесување на кoj билo и затоа се поставува прашање како да ги убедиме да останат и да им кажеме дека креираме нови можности. Ние ги пробавме сите опции за цените на производите. Доаѓам од бизнис секторот кој работи за профит, но покрај профит постои и етика и морал. Затоа вчера отидов во Комисијата за заштита на конкурентноста и разговарав со нив за да покренат иницијативи во неколку сектори за да видат дали евентуално може да докажеме дека има договарање за тоа што се случува со цените, рече Битиќи.
Нагласи дека цените на светските берзи заради инфлацијата се зголемени за една четвртина помалку отколку во земјава.
-Нешто се случува. Не може нашата земја да е уникатна и изолиран остров кога е составен дел од цела Европа. Според податоците на ФАО берзанските цени во Европската Унија се за една четвртина помали отколку што се тука. Ако храната на берзанските цени во ЕУ е зголемена за 11 отсто, овде е зголемена за 46 отсто. Тоа не е етички, потенцира Битиќи.
Кај нас, како што кажа, најголеми проблеми со цените има во сегментот на големата потрошувачка што е директно поврзано со основните прехранбени производи. Затоа истакна дека мора да се зајакнат инспекциските служби со професионалци што ќе бидат цело време на терен и ќе го следат однесувањето во компаниите, банките и во сите сегменти на општеството.
-Во сегментот на големата потрошувачка најмногу се чувствува зголемувањето на цените, но има и на секаде. Со зајакнувањето на капацитетите на Комисијата за заштита на конкурентноста и на сите други инспекциски служби ќе се обидеме да ставиме ред и на тој начин да ги задржиме младите во земјава. Борбата за да ги задржиме младите не е борба само на еден поединец или на една Влада, туку е борба на сите чинители во општеството. Тоа мора да го разберат сите без разлика дали се стопанственици, политичари, академици или се обични граѓани – дека мораме да си ја сакаме земјата онака како што си се сакаме себеси, посочи Битиќи.