На компанијата која беше избрана од страна на Комисијата останува да го потпише договорот, односно да продолжи со процедурата на формирање на заедничка компанија со ЕСМ или тоа да не го направи.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека на грчката компанија „Архиродон“, која беше избрана на тендерот за „Чебрен“ останува до крајот на месецов да одлучи дали ќе го потпише договорот и ќе формира заедничка компанија со ЕСМ или тоа нема да го направи.
Одговарајќи на новинарски прашања, Ковачевски рече дека Владата има донесено многу јасна одлука којашто се заснова врз тендерската процедура, Законот за концесии и Законот за води.
-На компанијата која беше избрана од страна на Комисијата останува да го потпише договорот, односно да продолжи со процедурата на формирање на заедничка компанија со ЕСМ или тоа да не го направи. Меѓутоа, јас не можам да ја прејудицирам нивната одлука, а сите детали ги имаат во МЖСПП кое што е и овластено да разговара и да потпише се што е потребно во иднина, изјави Ковачевски по пуштањето во употреба на салата „Наум Наумовски-Борче“.
Ковачевски негираше дека се врши каков и да било притисок.
-Јас досега немам слушнато ниту еден притисок, ниту, пак, некој се обратил кај мене или во Кабинетот, така што нема такво нешто што се однесува до мене, рече Ковачевски.
На тендерот за изградба на „Чебрен“ како најповолна беше избраната понудата на грчката компанија „Архиродон“ по што Владата на седница на 14 септември донесе одлука за избор на грчката компанија за изградба на „Чебрен“. Компанијата имаше рок од три месеци да одлучи дали ќе продолжи постапката, но попради тоа што се жали дека содржината на одлуката е различна со онаа на тендерот, рокот е продолжен до крајот на месецов. Доколку нема одговор до 31 декември, како што е најавено, ќе и биде наплатена банкарската гаранција од 1,4 милиони евра.