Премиерот Димитар Ковачевски на денешната седницата на пратенички прашања истакна дека потпишувањето на Општиот колективен договор е достигнување кое претходните влади го зацртале, но оваа Влада го исполни.
„За прв пат, после 15 години, заеднички и на иста маса синдикатите и претставниците на Владата и сите засегнати страни тука мислам пред се на здруженијата на работодавците постигна договор со кој што се обезбедува долгорочно одржливо решение. Ова решение на мое големо задоволство, нема да зависи веќе никогаш од добрата волја на политичарите, на политичките партии ниту сега, а ниту во иднина со оглед на тоа дека општиот колективен договор во себе содржи методологија за постојан раст и усогласување на платите на работниците во јавниот сектор“, рече Ковачевски.
Растот на платите, според него, со овој општ колективен договор на вработените во јавниот сектор е загарантиран.
„Обезбедивме системско решение коешто го осигурува растот на платите. Сите вработени во бројни агенции, фондови, општините, училиштата, градинките и сите други институциите од јавниот сектор, од септември, оваа година, ќе добијат 10% раст на плати. Дополнително, предвидено е и да се исплати регрес за годишен одмор за 2023 година во износ од 10.000 денари, којшто ќе биде исплатен до крајот на годината. Од 2024 година па натаму договорено е во Општиот колективен договор регресот за годишен одмор да изнесува најмалку 30% од просечната нето-плата исплатена во претходниот период“, рече Ковачевски.
Премиерот подвлече дека постигнато е воведување и на новата Методологија на плати со коефициент според просечната бруто плата од март 2025 година.
„Во изминатиот период покажавме што значи да се има слух за потребите на работниците и затоа во континуитет го одржувавме отворениот дијалог со синдикатите со цел да дојдеме до оваа ситуација денес. Дека тој дијалог и дека тие разговори беа навистина суштински сведочеа и голем број на јавни телевизиски настапи во кои се искажуваа различни ставови од страна на претставниците на синдикатот, на претставници на работодавците но на крајот низ дијалог, низ разговор, низ споделување на факти се дојде до заедно прифатливо решение пред се во интерес на работниците“, додава премиерот.
Се повика на одговорноста и созадавањето на клима за континуиран раст на платите.
„Па така, денес, минималната плата е над 20.000 денари, што е зголемување од 100% во однос на 2016-та година, додека просечната нето плата е над 500 евра. Нашето ветување дека во 2024 година ќе имаме над 500 евра просечна плата веќе е исполнето. Владините исправни политики и соодветни мерки за создавање на поволна бизнис клима вродија со плод- така да просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај 2023 година, изнесува 36.465 денари и таа е повисока за 16,1 отсто во однос на истиот месец минатата година. Зголемувањето е за 5.058 денари“, рече Ковачевски и подвлече дека платите и во иднина ќе растат и минималната и просечната, а инфлацијата ќе се намалува, сето тоа ќе влијае позитивно на економскиот раст во земјата.