Паѓаат каматите на кредитите, но и на депозитите. Во март годинава, според последната евиденција на Народната банка, просечната камата на сите кредити изнесува 4,89 проценти и во однос на истиот месец лани е пониска за 0,37 процентни поени, а во однос на февруари годинава за 0,02 процентни поени.
Сличен е трендот и кај вкупните депозити, со тоа што нивните камати се дури четири пати пониски од оние на кредитите. Па така, просечната каматна стапка на вкупните депозити во март изнесува 1,11 отсто и на месечна основа е пониска за 0,08 процентни поени, а на годишна основа за 0,31 процентен поен.
Падот на каматите карактеристичен за последните 12 месеци продолжува и во март, кога просечната камата на кредитите одобрени тој месец изнесува 4,12 отсто и во однос на февруарската е пониска за 0,21 процентен поен, додека пак кај новопримените депозити е забележан месечен пад на каматната стапка од 0,44 процентни поени, со што мартовската камата на депозитите е 0,54 процент. За една година каматата на вкупните депозити е намалена за 0,88 процентни поени.
На кредитите за корпоративниот сектор просечната мартовска камата е 4,08 проценти и во однос на месецот пред тоа е намалена за 0,03 процентни поени. Според податоците од Народната банка овој пад произлегува од поевтинувањето на сите кредити за фирмите, како на оние во странска валута и денарските со валутна клаузула, така и на денарските кредити без валутна клаузула. На годишна основа, каматната стапка на кредитите одобрени на корпоративниот сектор е намалена за 0,46 п.п.
Просечната каматна стапка на кредитите за домаќинства во март е нешто повисока од онаа за корпоративниот сектор, изнесува 5,64 отсто и е за 0,03 процентни поени помала од онаа во февруари и за 0,37 процентни поени пониска отколку во март лани. Месечната промена Народна банка ја објаснува со намалувањето кај сите видови кредити, односно девизните и денарските со и без девизна клаузула.
Просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, во март изнесува 1,24 отсто и во споредба со претходниот месец бележи намалување од 0,25 п.п. што е резултат на падот на каматите и на денарските депозити без и со валутна клаузула и на депозитите во странска валута. За една година каматите на депозитите на фирмите паднале за половина процентен поен.
Штедните влогови на граѓаните, пак, во март имаат просечна камата од 1,10 проценти, што е за 0,05 п.п. помалку отколку во февруари. Според Народна банка во март се намалиле каматите и на денарските и на девизните штедни влогови, додека пак каматата на депозитите во денари со валутна клаузула останала непроменета. За една година каматата на сите штедни влогови на граѓаните е намалена за 0,28 процентни поени.