Рударите(копачите) кои копаат различни криптовалути, се ориентираат кон Норвешка и Шведска, за да ја искористат евтината хидроелектрична енергија и ниските температури, за да ги напојуваат и соодветно ладат серверите, соопштува „Ројтерс“.
Исланд е најпопуларното место во Европа за рударите на дигитални валути, како биткоинот и етериумот. Но по цени од соодветно 6,6 центи и 7,1 центи за киловат, потрошувачките цени на електричната енергија во Шведска и Норвешка се пониски од 8-те центи во Исланд. Освен тоа и во двете скандинавски земји цените на енергијата се доста под просекот во Европа од 11 центи за киловат.
Зголемениот интерес од страна на рударите е добра вест за пазарните лидери во енергетскиот сектор во двете земји – шведската „Vattenfall“ и норвешката „Statkraft“. Обезбедување на енергија за рударите е дел од нивниот тековен бизнис, но и двете државни компании изјавија дека гледаат можност за понатамошен развој, бидејќи копачите на криптовалути користат илјадници сервери одеднаш, за да ја добијат потребната компјутерска моќ.
Копачите на биткоин ќе користат околу 130 тера часа енергија во текот на оваа година, што одговара на потрошувачката на Аргентина или очекуваниот обем енергија, кој ќе е потребен на сите електрични автомобили во светот до средината на 2020-та година, според „Morgan Stanley“.
„На нас ни е потребно место на кое можеме да обезбедиме што е можно повеќе енергија“, рече Оливие Руси Њутн, директор и ко-основач на канадската група „HIVE Blockchain Technologies“, која започна да добивање на етериум во Шведска во јануари.
Компанијата соопшти дека го проширува енергетскиот капацитет за криптодобивка во Шведска до 17,4 мегавати, а ќе располага со средства за зголемување до 26,8 мегавати до септември. Минатиот месец „HIVE Blockchain Technologies“ се согласи да го купи центарот за податоци „Kolos Norway AS“ за 9,9 милиони евра со цел проширување на рударската дејност.
Во март американската компанија „Bitfury“ отвори во Норвешка нов центар за копање на криптовалути во вредност од 35 милиони долари. Друштвото ќе купува 350 гигаватчасови чиста енергија од локалниот давател на обновлива енергија „Helgeland Kraft“.
„Многу рудари на биткоин ја разгледуваат областа, вклучувајќи ги и Кинезите, поради изобилството од хидроенергија“, коментира Бил Таи, член на бордот на директори на „Bitfury“.
Кинеската компанија „Bitmain“, најголемиот рудар во светот, кој неодамна создаде своја алка во Швајцарија, сега го истражува потенцијалот на Шведска и Норвешка, соопштија двајца извори од пазарот, цитирани од „Ројтерс“.
Во Кина се наоѓа 70% од рударската индустрија на криптовалутите, но поради проблемите со загадувањето на воздухот, бизнисот се насочува кон нови можности.
„Многу рудари сакаат да ги пренасочат своите активности кон Норвешка, а тоа ги вклучува „Bitmain“ и други кинески компании“, рече Марк Колинс, извршен директор на „CBH Consulting AG“.
Според Алекс де Врис, блокчејн експерт во „PwC“, ако потрошувачката на енергија продолжува со истото темпо, тоа може да е можност за нов бизнис за енергетските компании во краток рок, но на подолг рок рударите треба да најдат начин да станат поефикасни во однос на користењето на електричната енергија.