Криптовалутата инспирирана од јужнокорејската серија Squid Game на Нетфликс ја изгуби речиси целата своја вредност откако беше откриено дека станува збор за очигледна измама.

„Squid“ беше претставена како „play-to-earn“ криптовалута, а во последните неколку дена нејзината вредност се зголеми десетици пати, пишува Би-Би-Си.

Криптовалутите „игра за заработка“ се купуваат за употреба во онлајн игри, каде што може да се заработат, а подоцна може да се заменат за други крипто или национални валути.
Squid се тргуваше за само еден цент минатиот вторник. За помалку од седум дена неговата цена скокна на над 2.856 американски долари.

Неговата вредност сега се намали за 99,99, објави веб-страницата CoinMarketCap.

Креаторите на Squid извлекоа 3,38 милиони долари

Gizmodo објави дека програмерите кои го создале Squid од оваа измама излегле побогати за околу 3,38 милиони долари, пренесува порталот Indeks.

Squid е воведен како токен што може да се користи за нова онлајн игра инспирирана од серијата на Нетфликс. Играта требаше да биде објавена овој месец.

Сепак, експертите за криптовалути предупредија на неколку знаци дека веројатно се работи за измама.

Најинтересно е што оние кои ја купиле оваа криптовалута не можеле да ги продадат своите токени.

“Внимавај”
Критичарите исто така истакнаа дека веб-страницата на која е претставена криптовалутата содржи многу правописни и граматички грешки. Веб-страницата повеќе не е онлајн, а профилите на социјалните мрежи кои го промовираа Squid веќе не се активни.

„Ова е само една од шемите со кои наивните мали инвеститори се привлекуваат и експлоатираат од злонамерни промотори на криптовалути“, изјави за Би-Би-Си економистот од Универзитетот Корнел, Есвор Пресад.

Пресад вели дека малите инвеститори треба да бидат внимателни кога купуваат криптовалути бидејќи речиси и да нема надзор над нив.